Турската влада душка во спалните соби
14 ноември 2013Студентите и студентките кои немаат стапено во брак повеќе не треба да живеат заедно во Турција. Такво мислење има турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган.
„Никој не знае што се случува во овие простории за живот. Можат да се случат сите можни дубиозни работи. И, тогаш родителите се жалат и прашуваат дали државата ќе го дозволи тоа. Како конзервативна и демократска влада ние мораме да интервенираме“, изјави Ердоган на еден состанок на неговата Партија за правда и развој (АКП).
Медиумите известуваат дека доаѓа до политичка контрола на студентските домови. Минатата сабота (09.11.2013) стан на три студентки во турскиот град Маниса бил претресуван од страна на шест полицајци, информира весникот „Радикал“. Студентките имале машки гости. „Живеат ли овде заедно мажи и жени“, прашувале полицајците. Студентките добиле парична казна од 32 евра. Причината - нарушување на мирот. Градоначалникот на Маниса, Абдурахам Саваш, негираше дека се случила контрола, бидејќи мажите и жените живееле во ист стан.
Изјавата на Ердоган предизвика нова дебата за тоа дали државата смее да се меша во приватноста на граѓаните. Кемал Киличдароглу, претседател на Републиканската народна партија (ЦХП), најголемата опозициска партија во земјата, го обвинува Ердоган дека ја злоупотребува демократијата. Исто така и Партијата за националистичко движење (МХП) се приклучи кон критиките.
„Премиерот дефинитивно мора да се извини кај невините студенти и нивните семејства“, изјави партискиот претседател Девлет Бахчели.
Разлики во врвот на партијата
Но, реакции нема само во редовите на опозицијата, туку и во самата АКП. Разлики има пред се’ меѓу Ердоган и заменик-премиерот Булент Аринч. Тој рече дека станува збор за недоразбирање, но Ердоган остана на ставот: „Тоа така го реков, а и така мислев“.
Аринч веднаш реагираше и јавно го критикуваше Ердоган, што е невидена постапка во Турција. Притоа тој отиде чекор понапред - иако е еден од основачите на АКП, тој најави дека на следните избори повеќе не би сакал да се кандидира за оваа партија. Локални избори во Турција ќе има во март следната година, а кон крајот на летото треба да се одржат и претседателски избори. Парламентарни, пак, треба да се одржат во 2015 година. Доколку Аринч се повлече, тогаш тоа значи дека „во врвот на партијата има пукнатини“, смета политикологот Ченгис Актар.
Но, позадината на спорот не лежи во актуелната дискусија за студентските домови. Аранч, спротивно на Ердоган, имаше поблаги ставови и за време на протестите во јуни во истанбулскиот парк Гези. Тој им се извини на демонстрантите за полициската прекумерна употреба на сила. Ердоган, пак, ги нарекуваше демонстрантите „терористи“ и „ѓубриња“. Уште тогаш се видоа разликите меѓу двајцата најсилни мажи во владејачката партија.
Изговор - борба против тероризмот
Ердоган доби поддршка во дискусијата за студентските домови пред се’ од турскиот министер за внатрешни работи Муамер Ѓулер.
„Нашите истражувања покажаа дека терористичките организации ги искористуваат врските меѓу машките и женските студенти за да добијат поддршка од студентите и универзитетската младина“, беше цитиран министерот од страна на турскиот весник „Хуријет“. Тој смета дека во овие сместувачки капацитети се кријат осомничени лица за тероризам и таму може да се случува проституција, смета Ѓулер.
Студентката по педагогија, 21-годишната Ајбуке Дундар вели дека ова е само изговор.
„Ова не е првпат врвот на партијата да се интересира за нашата приватност“, вели Дундар во разговор за Дојче веле. Таа смета дека сето ова сега оди предалеку. „Ние треба сами да одлучиме со кого ќе живееме заедно. Во фантазиите на Ердоган се чини дека момчињата и девојчињата се веселат со алкохол на секс-забави. Дури и да е така, тоа не е негова работа“, вели студентката.
А, во земјата со месеци демонстрираат стотици граѓани за поголема лична слобода. Тие обвинуваат дека исламистичко-конзервативната влада на Ердоган им се меша во приватноста на луѓето. Со нов закон се ограничи продажбата на алкоколни пијалоци во продавниците, супермаркетите и киосците до 22 часот. Алкохолот е забранет и на 100 метри од образовни институции и верски објекти. Освен тоа, Ердоган ја застапува и својата слика за семејството, во кое мора да има најмалку три деца, „за да се заштити нацијата“.