1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Турска иницијатива на Балканот

Самир Хусеиновиќ/Б. Георгиевски4 мај 2012

Турскиот министер за надворешни работи Ахмет Давутоглу кој е во посета на Сараево, неодамна покрена дипломатска иницијатива за вклучување на БиХ во НАТО. Тоа предизвика различни реакции во БиХ

https://p.dw.com/p/14pTF
Фотографија: AP

„Активниот ангажман на Турција во поддршка за патот на БиХ кон НАТО не се коси со принципите на ЕУ“, смета политичкиот аналитичар Зекеријах Смајиќ. Според него, турската дипломатска иницијатива не е еднострана отоманизација на Балканот, туку консензус на Вашингтон, Брисел и Анкара за да се придвижат процесите кои се заглавени со децении.

„Во последните 20 години се покажа дека ниту Вашингтон, ниту Брисел самостојно не можат да го сторат она што Балканот и БиХ го очекуваат“, вели Смајиќ.

„Во тој контекст, како еден од најблиските сојузници на САД, и земја која тежнее кон поблиски односи со ЕУ кои во моментов остануваат само далечен сон, Турција сака да се прикаже како активна меѓународна сила на подрачјето кое и е најблиско, а тоа е Балканот. Во таа смисла и Брисел и Вашингтон благонаклоно гледаат на турската улога на Балканот“, тврди Зекеријах Смајиќ.

Ако не сака ЕУ, сака Турција

Директорот на бањалучкиот Центар за меѓународни односи Милош Шолаја вели дека, за разлика од Федерацијата БиХ, во Република Српска има бројни критики на мешањето на Турција во регионот „бидејќи многумина тоа го сметаат за некој вид компензација за бавниот влез на Турција во ЕУ“.

„Турција храбро влезе во тој празен простор и во тој вакум настојува да го зајакне своето политичко влијание. Тоа би можело да и запречи на ЕУ бидејќи оттаму планираат да го зајакнат своето влијание по транзицијата на Канцеларијата на високиот претставник. Освен тоа, во Република Српска постои незадоволство што се оди кон НАТО, и покрај претходната согласност, а особено им пречи тоа што тој процес го предводи Турција“, вели Шолаја.

Türkei Außenminister Ahmet Davutoglu
Ахмет ДавутоглуФотографија: dapd

Со оглед на улогата на НАТО во решавањето на југословенската криза во текот на 90-те години, за аналитичарите е разбирливо тоа што Сараево и Бања Лука различно ги доживуваат иницијативите, како оваа од Турција. Според Смајиќ, за мали земји како БиХ, НАТО не е само „безбедносен чадор“, туку и многу повеќе.

„Влегувањето на една земја како БиХ во НАТО е и влез во предворјето на ЕУ, бидејќи многу земји најпрво станаа членки на НАТО, па потоа и на ЕУ. Таквите решенија ги поздравуваат и во ЕУ. За БиХ е важен и третиот аспект: влезот во НАТО ги отвора вратите и за странски инвестиции“. Смајиќ потенцира дека во Хрватска и Албанија, по влезот во НАТО, за петпати е зголемено нивото на странски инвестиции.