Туризмот доживува бум
5 март 2014Да се види нешто ново, да се отпатува во друга земја - ширум светот сѐ повеќе луѓе можат да си ги реализираат ваквите желби. Благодарение на динамиката на новите пазари во Кина, Индија и Русија, бројот на туристи на светско ниво порасна за пет проценти во текот на изминатата година, односно изнесува 1,1 милијарда. Светската туристичка организација УНВТО проценува дека веќе наредната година бројот би можел да се зголеми на 1,4 до 1,5 милијарда туристи.
Германците имаат голем удел во ваквите статистики. Во светска споредба тие се шампиони во патување. Со нив можат да се споредат само уште Кинезите, кои имаат исто толку голема желба за патувања. Во изминатата година Германците дале 65 милијарди евра за одмор во странство. Тоа го радува претседателот на Германскиот туристички сојуз, Јирген Бихи: „2013-та година беше повторно рекордна година, зашто обртот на германските туристички оператори се зголеми за 3,5% на 25,3 милијарди евра. Тоа е речиси една милијарда повеќе отколку во 2012 година.“
Паушално = добро
Годинава може да биде уште подобро. Обртот може да се зголеми за околу 5%, а голем удел во порастот имаат паушалните резервации. Во текот на изминатата година се продадени 40 милиони паушални патувања, од кои, дури и во времиња на интернет, 85% се резервирани сосема класично - во туристичка агенција.
И покрај сѐ, организираната форма на патување се докажа како добра и во натамошен пораст, објаснува Бихи: „Нашите гости предвид ја имаат пресметливоста на трошоците, како и постојаната грижа за нив, пред сѐ во случаи на неочекувани настани, како и големиот степен на безбедност.“
Класичните туристички цели од минатата година за Германците ќе бидат класика и во оваа година. Речиси една третина од туристите се одлучува својот одмор да го помине во својата земја, 70% патуваат во странство, од кои половината во земјите на Средоземјето. Само 7% од туристите во изминатата година биле во земји на друг континент. Сосема на врвот на листата на омилени дестинации годинава е Шпанија, а потоа следуваат Италија и Турција.
Страста за патување чини многу
Додека Грција со двоцифрен плус во бројот на резервации води, а сѐ повеќе туристи повторно привлекува и Тунис, во Египет и Тајланд годинава имаат намера да патуваат помалку Германци отколку лани, нагласува Бихи. „Германците ги резрвираат своите летувања многу рано, што нас нѐ радува. Тие сѐ повеќе бараат луксуз. Луѓето сакаат индивидуални и посебни патувања.“
Сепак, при сета еуфорија, туристичката бранша на Меѓународната туристичка берза во Берлин не пропушта да ја опомене политиката. Коалициониот договор на новата германска влада е во некои делови помалку драматичен отколку што стравуваше браншата, но сепак изгледите за воведување патарина за странци, воведување минимална плата и задржување на данокот во воздушниот сообраќај се пречки за економски успех на браншата, вели претседателот на Здружението на германското туристичко стопанство, Михаел Френцел.
Меѓународната туристичка берза во Берлин е една од најважните средби на луѓето од туристичката бранша во светот. Во Берлин се раѓаат туристички трендови и се склучуваат договори тешки милијарди евра. На 48-та туристичка берза, која трае до недела, има повеќе од 10.000 излагачи од 189 земји и региони. Се очекуваат околу 170.000 гости, меѓу кои 110.000 стручни лица. Годинава земја партнер на саемот е Мексико.