ТТИП: трговија на сметка на екологијата?
13 октомври 2015Во Берлин на викендот најмалку 150.000 луѓе од цела Германија демонстрираа против планираниот договор за слободна трговија, односно за Трансатлантско трговско и инвестиционо партнерство - ТТИП, како што му е официјалниот наслов. „Стравуваме дека со тој договор ќе бидат намалени стандардите за еколошка заштита и ќе настанат методи кои во иднина ќе го отежнат поставувањето на стандарди од тој вид“, рече Карл Бер од Минхенскиот еколошки институт, една од институциите кои го организираа досега најголемиот протест против ТТИП.
Претставници на стопанството, пак, очекуваат дека ТТИП ќе донесе поголем стопански пораст и вработување. ТТИП бил „важен елемент за обезбедување на нашата благосостојба и за зачувување на економската тежина на Европа во светски рамки“, како што рече Феликс Нојгарт од Германската индустриска и трговска комора (ДИХК).
Условите за таа „конјунктурна програма“ - такви се надежите - ги договараат од 2013. година ЕУ и САД зад затворена врата. Документите подготвени од американските преговарачи се строго тајни. Повеќе предлози од ЕУ, меѓутоа, можат да се најдат во интернет - или доставени од „свиркач“ кому му биле достапни, или пак објавени од Комисијата на ЕУ под притисок на јавноста.
Смет или сточна храна?
Декларирана цел на договорот, според германската Сојузна еколошка управа, е со таканаречената „регулаторска кооперација“ колку што е можно да се поедностават стандардите во ЕУ и САД. Тоа може да крие значителни ризици за еколошката заштита во ЕУ: „Да се намалат еколошките стандарди и да бидат загрозени еколошките карактеристики на производите“.
Еколошките стандарди во ЕУ почесто се построги од американските, посебно во хемиската област. Во ЕУ, на пример, се забранети редица средства за заштита на растенија оти содржат канцерогени материи, но тие се применуваат во САД. Многу гранични вредности во ЕУ се пониски отколку во САД: во 2012. година, на пример, големо количество пченка за сточна храна во ЕУ беше загадено со отровот против мувла афлатоксин Б1 и требаше да бида фрлени како смет, но беа извезени во Америка како сточна храна.
Еврокомесарот за трговија Сесилија Малстром го брани ТТИП. На европскиот пазар нема да дојде ниеден производ кој не одговара на европските стандарди, изјави таа во април годинава.
Сојузната еколошка управа бара позитивна листа
Но, кај ТТИП не станува збор само за можно уедначување или меѓусебно признавање на постоечките стандарди, туку првенствено за договарање при идните регулирања. Многумина поборници на екологијата се загрижени дека ЕУ може да попушти под притисокот на САД и да прифати полабави стандарди. „Секогаш ќе биде прашање на политичка волја дали ние во иднина ќе имаме обѕири спрема американските приговори против европските регулаторни планови, или не“, вели Ффеликс Нојгарт од ДИХК. „Ако во Европа сакаме да имаме повисоки еколошки стандарди отколку во Америка, тогаш тоа е можно во нормален законодавен процес“.
Сојузната еколошка управа во тој контекст предлага, „систематски да се испита на кои полиња и под кои услови регулаторната кооперација може да води до позитивни еколошки влијанија на обете страни“. Така идентификуваните области тогаш можат да бидат утврдени во ТТИП во форма на позитивна листа, се вели во документот за ставовите на управата.
Спорно прашање - заштита на инвеститорите
И планираната заштита на инвестициите може да им биде трн в око на заштитниците на екологијата, вели Карл Бер од Минхенскиот еколошки институт: врз таа основа претпријатија би можеле да тужат држави барајќи обесштетување, ако на пример државите сакаат да ги заострат условите за еколошка заштита. Кај други договори тоа е веќе реалност, на пример кај северноамериканскиот договор за слободна трговија НАФТА: еден арбитражен суд во 90-тите години на минатиот век ја осуди мексиканската држава да плати обесштетување од 15,6 милиони долари оти одби на фирма од САД да и’ даде дозвола за работа на специјална депонија на смет.
Постапка пред арбитражен суд првенствено бараат големите концерни и тоа е една од главните причини за големиот отпор во Европа против ТТИП. На почетокот од годинава германскиот министер за стопанство Зигмар Габриел и неговиот француски колега Матијас Фекл предложија споровите со инвеститори да ги решава нововостановен трговски суд. Тој треба да се разликува од приватните арбитражни судови по тоа, што ќе важат правилата за транспарентност и би била можна и ревизија. Карл Бер смета дека тоа не е доволно далекусежно: „Станува збор за начелно прашање: Ќе добијат ли меѓународните инвеститори специјални права да можат да се бранат против регулирање?
Тврди економски интереси
Преговорите уште не се дојдени до таму, да го опфатат сето она што им е свето на овдешните критичари на глобализацијата, односно придржувањето кон заштитата на потрошувачите, еколошките и социјални стандарди, рече неодамна Габриел. Неговиот меѓубиланс по десет преговарачки рунди е прилично отрезнувачки: „Во преговорите речиси ништо не се придвижува“. Причините за застојот, според него, се во „тврдите економски интереси“ - на обете страни. Првобитно рамката за спогодбата требаше да биде утврдена до крајот на годинава. Тој термин се смета за веќе неодржлив.