1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Тројка за погреб на хрватските бродоградилишта

Игор Ласиќ/Б. Георгиевски24 јули 2012

Имињата на бизнисмените на кои Хрватска ќе им продаде поголем дел од сопствеништвото над бродоградилиштата не будат надеж дека оваа важна гранка на хрватската индустрија наскоро ќе заздрави. Напротив.

https://p.dw.com/p/15dUc
Фотографија: Ognjen Alujevic

Хрватската влада повеќе пати во последните месеци се пофали дека од неа ќе почне долго најавуваното оздравување на бродоградителската индустрија. Оваа дејност, најтешката и најкомплицираната хрватска извозна гранка, веќе долги години е притисната со големи загуби под раководство на нестручни и корумпирани, и најчесто, партиско-политички управи.

Паралелно со форсирањето на тие управи, приватните кооперанти успеаја да исцицаат милијарди куни јавни пари, додека бродоградилиштата стагнираа. Катастрофата ја избегна единствено пулското бродоградилиште „Уљаник“, кое се оттргна од политичкиот диктат и продолжи да инвестира во сопствената компетентност и развој на иновации на пазарот.

Спротивно на светските трендови и на резонот на економска одржливост, хрватските власти попуштија пред барањата на Европската Унија, па поради неспособноста да ги реконструираат, се впуштија во брзоплета приватизација на бродоградилиштата. Пред извесно време, владата одреди купувачи за трите бродоградилишта, но паѓа в очи дека сите тројца се многу дубиозни бизнисмени. Парадоксално е тоа што за такви ги прогласија токму државните функционери, а потоа државата, преку продажбата ги прогласи за свои партнери.

„Дубиозни“ бизнисмени

Еден од нив, Данко Кончар кој ќе биде сопственик на „Бродотрогир“, од министерот за финансии Славко Линиќ во март годинава беше прогласен за „несериозен и неодговорен партнер“.

Ein Montage-Kran in der Werft des Schiffbauunternehmens 3. Mai in Rijeka
Бродоградилиштето во РијекаФотографија: DW

Второто големо бродоградилиште, „Бродосплит“, владата му го продава на Томислав Дебељак, производител на шрафови, против кого минатата недела државното обвинителство поведе обвинение поради малверзации и оштетување на државниот буџет. Владата сега уверува дека фирмата на Дебељак која е поврзана со обвинувањето, не е поврзано со фирмата која ќе стане доминантен сопственик на бродоградилиштето. Со третото бродоградилиште ќе раководи Борислав Шкегра, кој е на чело на инвестициски фонд кој се занимава со ризични инвестиции, и на кој, поради бројни малверзации минатата година му беше одземена дозволата за работа.

Поранешниот министер за стопанство Љубо Јурчиќ за ДВ вели дека владата очигледно нема идеја како да го реши проблемот, па бира скратен пат.

„Тројката која ја споменувате не исполнува ниту елементарни критериуми за да и се доверат хрватските бродоградилишта. Кога се продаваат клучни објекти, мора да се направи темелна пред-квалификација на потенцијалните купувачи. Овие тројца изгледаат како да се најавува крај на нашето бродоградителство“, вели Јурчиќ.

„Ниту еден од нив не е способен за реконструкција на бродоградилиштата. Тоа е огромна работа која мораше да ја организира државна агенција, со вклучување на разни други фактори. Не знам дали владата калкулира со овие тројца поради некаква дополнителна трговија, или само за да ја задоволи ЕУ. Но, премногу лесно се откажуваме од голема економска и општествена вредност која мораше да се сочува“, заклучува Јурчиќ.