1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Трнлив пат до посвојување дете

31 октомври 2010

Брачните парови во Германија, кои сакаат да посвојат дете, се соочуваат со големи тешкотии при постапката за адоптирање и затоа во најголемиот број случаи се одлучуваат на посвојување во странство.

https://p.dw.com/p/PZOW
Фотографија: Fotolia/Friday

Ралф Бокштете, адвокат од Есен, и неговата сопруга, Тања, биле изненадени кога пред петнаесет години им било кажано дека не можат да имаат деца. Пред четири години, двојката се одлучила да посвои дете, но ниту еднаш не помислила тоа да го стори во Германија.

„Тешко е на наша возраст да се посвои дете во Германија. Ако го сторевме тоа, детето ќе беше на возраст од десет години, а ние повеќе би сакале бебе“, вели Ралф Бокштете.

Kind Hartz IV Bundesverfassungsgericht
За многу напуштени деца основните права може да се обезбедат единствено преку посвојувањеФотографија: AP

Германските закони не дозволуваат возрасната разлика меѓу детето и родителите да биде поголема од четириесет години. За Ралф и Тања, кои имаат по 39 години, ова би значело подолго време на чекање или одбивање на барањето за посвојување. Тие можеа да се одлучат и на т.н. „отворено посвојување“, во кое биолошкиот родител одржува постојан контакт со детето дадено на посвојување, но Ралф категорично ја отфрлил оваа опција. Така, двојката замина да посвои дете во Колумбија, а четири години подоцна се вратија во Германија со своето посвоено чедо, Марија.

Колумбија е една од најпопуларните земји кај Германците кои сакаат да посвојат дете

Колумбија има добро развиен систем за заштита на сирачиња и напуштени деца и е една од земјите која најстрого се придржува на Конвенцијата од Хаг, донесена во 1993 година, со која се регулира посвојувањето деца на меѓународно ниво.

Сузана Кац, основач и директор на агенцијата за посвојување деца „А-де-А“, која посредуваше за семејството Бокштете, вели дека Колумбија има јасно структурирана и доста транспарентна процедура за адоптирање, за разлика од земји како Русија, која инаку е исто така популарна кај Германците.

„Посвојувањата меѓу различни земји функционираат, бидејќи земјите од каде потекнуваат децата се најчесто сиромашни. Во Германија, речиси и нема деца за посвојување. Нема гладни деца, бидејќи примаат помош од државата. Во други земји, како на пример Колумбија, потребни се меѓународни посвојувања со цел на овие деца да им се обезбедат основните права, како правото на храна“, вели Кац.

Високи трошоци

Eltern mit Kind Thema Elterngeld
Во Германија е многу мал бројот на деца за посвојување, бидејќи државата има ревносна социјална политикаФотографија: AP

Сепак, паровите од Германија кои ќе се одлучат за посвојување дете од странство, можат да се соочат со високи трошоци за целата процедура. Советодавни разговори и правни консултации, услуги на превод и патувања - сето тоа може да го чини парот од 15.000 до 20.000 евра. Во Германија, пак, и покрај ограничениот број деца за посвојување, системот за адоптирање е целосно финансиран од државата; родителите плаќаат само за некои ситни административни трошоци и за лекарски прегледи.

Давид Фермер, 36-годишен писател од Келн, и неговата сопруга, Филис, 42-годишен филмски работник, исто така се интересирале за посвојување дете во Германија, но социјалните работници ги предупредиле дека процедурата ќе трае доста долго. Откако Филис во рамките на работна посета наминала и до едно сиропиталиште во Мали, двојката се одлучила на посвојување дете токму од Африка.

„Убавото во посвојувањето дете е што те тера да ги преиспиташ своите постапки во животот; од каде си, до каде си, колку далеку сакаш да стигнеш... Знаејќи од колку среќно семејство потекнува жена ми и колку проблематично беше моето детство, навистина давам се` од себе за моето дете да биде среќно“, нагласува Фермер.

Автор: Ендру Боуен / Далибор Стајиќ

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска