Трка само за претседател - истече рокот за пржинска влада
9 февруари 2019Претседателските избори најверојатно ќе бидат единствениот изборен натпревар оваа пролет. Нив вчера и официјално ги распиша претседателот на Собранието, Талат Џафери, заедно со предвремени локални избори во трите општини кои останаа без градоначалници: Охрид, Дебар и Ново Село. Претседателските избори ќе се одржат на 21-ви април, а вториот изборен круг е на 5-ти мај. На актуелниот претседател, Ѓорге Иванов, мандатот му истекува на 12-ти мај.
Прашањето дали ќе се одржат и вонредни парламентарни избори, засега се решава со „говор на молкот“. И покрај најавите, Извршниот Одбор на СДСМ сѐ уште ја нема одржано седницата на која требаше да изгради став за ова прашање. Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, кој побара да се одржат и вонредени парламентарени избори со сто дена техничка влада според пржинскиот модел, смета дека одолговлекувањето е смислена тактика на СДСМ.
„Претпоставивме дека ваква ќе биде стратегијата на СДСМ и дека ќе се троши времето кое со закон е пропишано за одржување на парламентарни избори. После тоа ќе речат нема време и нема да имаме предвремени избори“, изјави Мицкоски. Тој вчера повторно апелираше заедно со претседателските да се организираат и предвремени парламентарни избори.
„Согласно со математиките, можеме тоа (парламентарни, н.з) да го направиме и за време на вториот изборен круг“, рече Мицкоски.
Согласно со математиките, од денес до 5-ти мај, кога се одржува вториот круг од претседателските избори, остануваат 80 дена. За да можеше да има „сто дена техничка влада“ по принципот на пржинската, изборите требаше да бидат распишани десет дена пред истекот на јануари. Втората опција е предвремени избори да се организираат по скратени рокови. Според член 63 од Уставот, тие треба да се одржат во рок од 60 дена од денот на распуштањето на Собранието, а за да се одржат на 5-ти мај, последен рок за распуштање на Собранието би бил 6-ти март.
„Стари“ и млади
Според аналитичари, сѐ појасно е дека нема да има параламентарни избори. Освен поради кусите рокови и обемните реформските обврски што стојат пред Македонија, таквиот впечаток го градат и врз фактот што во партиските бази не е видлива ни енергија, ни каква било мобилизација за парламентарна трка, без оглед на декларативните заложби на партиските раководства. Практично, фокусот е доминантено ставен врз претседателската битка, која ќе биде прво теренско мерење на довербата по локалните избори од 2017 година. Додека кај ВМРО-ДПМНЕ веќе се познати имињата на оние што доставија кандидатури за претедателската трка, во владејачката СДСМ тој процес ќе трае до почетокот на март. На јавниот оглас што го објави партијата и ќе трае до 22-ри февруари, досега стигнала само една кандидатура од личност непозната за пошироката јавност. За главни фаворити и натаму се сметаат Оливер Спасовски, Радмила Шекеринска, Никола Димитров и Стево Пендаровски. Шекеринска најави дека нема да се кандидира, Димитров дека „води дебата со себе“, но останува и можноста партијата да ги кандидира. Заев вчера уште еднаш потврди дека е надвор од тој круг, а неговото образложение дека „сѐ уште е млад за да се кандидира“, опозицијата го искористи за критика на фаворитската четворка.
„Дали е премлад и господинот Оливер Спасовски, којшто е две години помлад од Зоран Заев? Дали со оваа несреќна изјава Заев го елиминираше Спасовски од трката за претседател“, праша Мицкоски. Тој побара одговор и дали повозрасните од премиерот, Шекеринска и Димитров, се на вистинска возраст да бидат претседателски кандидати.
Во чиј двор е конфузијата?
Но Мицкоски изрази и сомнеж за начинот на кој ќе бидат организирани претседателските избори.
„Целата онаа конфузија и внатрепартиски битки кои се случуваат во СДСМ нив ги прави сѐ понервозни, а нас ни дава основно сомневање дека бунилото во кое што се наоѓаат СДСМ и Заев, како реакција може да предизвика лошо организирани претседателски избори“, изјави Мицкоски.
СДСМ му одговори преку соопштение.
„Распишувањето на претседателските избори навестува и една очекувана вест за антизападниот Христијан Хидро Мицкоски: го чека пораз на изборите заедно со неговиот кандидат. Граѓаните нема да дозволат нов Иванов. Граѓаните сакаат напредок, иднина, развој, интеграција, а не деструкција, назадување, блокирање, враќање назад“, се вели во реакцијата на СДСМ.
Повеќе:
Ставот за парламентарни избори ќе се знае на крајот од неделава
Рецептот за Иванов се тестира и за Силјановска
Внатрешни реакции има и во ВМРО-ДПМНЕ. Партиски извори за ДВ велат дека не е време Мицкоски да се грижи за возраста на кандидатите на СДСМ, туку за квалитетот на оној што ќе го избере нивната партија, на 16-ти февруари на партиската конвенција во Струга. Според овие извори, „постои голема поделеност околу идејата дали е подобро на изборите да се настапи со партиски или натпартиски кандидат, но и незадоволство заради 'тивко фаворизирање' на еден од кандидатите од страна на дел од раководството“.
Според нив, тоа создава сомнежи за местење на изборот на кандидатот, а доколку навистина се случи такво нешто, може да биде вовед во нови внатрешни турбуленции. Меѓу деветте кандидати кои ги исполнија критериумите на јавниот оглас, за фаворити се сметаат пратеникот Владимир Ѓорчев и професорката Гордана Силјановска Давкова.