Три милијарди евра штети од поплавите во Србија и БиХ
30 мај 2014Минатонеделните поплави на Балканот предизвикаа директна штета од околу три милијарди евра, што може негативно да влијаат на економскиот раст, како и да придонесе за зголемување на инфлацијата, соопшти Европската банка за обнова и развој (ЕБОР).
Според првични груби проценки на Банката, Србија претрпела директни штети од 1,5 до 2 милијарди евра, а Босна и Херцеговина од 1,3 милијарди евра.
Поплавите нанеле значителни штети во земјоделството, кое учествува со 10 проценти во брутодомашниот производ на Србија и шест проценти во БДП на БиХ. Очекуваните загуби во оваа сфера се стотици милиони евра. Сериозно се погодени и производството на електрична енергија и рударството во Србија, додека поплавите нанесоа оштетувања на транспортната инфраструктура на двете земји, наведува ЕБОР.
Последиците од поплавите може дополнително да ги забават реформите во двете држави, предупредува Банката.
Српскиот премиер Александар Вучиќ вчера соопшти дека бројот на жртвите во поплавите достигнал 24 лица, додека четири се‘ уште се водат како исчезнати.