1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Три лица загинаа во престрелка на грчко-албанската граница

СН/емф/миа8 декември 2013

Еден грчки полицаец и двајца албански државјани се убиени рано изутрината во престрелка на тромеѓето меѓу Албанија, Грција и Македонија. Во вооружениот инцидент се повредени уште двајца грчки полицајци.

https://p.dw.com/p/1AV1y
Фотографија: picture-alliance/dpa

Во престрелка, која денеска (08.12.2013) се случила на грчко-албанската граница кај Флорина, Мала Преспа, убиени се еден грчки полицаец и двајца албански државјани од градот Девол.

Инцидентот се случил дваесетина минути по полноќ. Грчката погранична полиција, која патролирала во Преспанскиот регион на тромеѓето меѓу Албанија, Грција и Македонија, ги контролирала празните колиби. Во едната од нив се наоѓале двајцата Албанци вооружени со автоматски пушки.

Кога еден од полицајците влегол во колибата тие отвориле оган кон него и го убиле. На тоа возвратиле другите двајца полицајци и ги застрелале Албанците. Во престрелката полесно биле повредени и двајцата грчки полицајци, пренесуваат албанските медиуми.

Дел од медиумите наведуваат дека убиените албански државјани биле рибари, а дел дека колибата ја користеле нарко-шверцери. Според нивните блиски роднини, двајцата биле женети и имале по две деца, живееле во голема сиромаштија и со рибарање обезбедувале основна егзистенција.

Убиениот грчки полицаец е Елиас Костени (43), додека албанските државјани се браќата Клевис Чолаку (28) и Мелси Чолаку (34), жители на Девол.