Трет мандат за Ердоган
13 јуни 2011Исламско- конзервативната Партија на правдата и развојот (АКП) освои околу 50 насто или 325 пратенички места во 550 члениот парламент. Тоа е плус од 3 проценти во однос на претходните избори.
Место во турскиот парламент обезбедија и водечката опозициска Републиканска партија (ЦХП) со освоени близу 26 насто гласови како и радикално десничарската Партија на националистичка акција (МХП) со 13 проценти од гласовите, со што го помина изборниот праг од 10 насто освоени гласови. И двете партии забележаа подобар резултат во однос на претходните избори.
Стратегијата на Ердоган за дво-третинско мнозинство не успеа
Со ваквиот резултат партијата на Ердоган, иако некои така прогнозираа, сепак не успеа да освои дво-третинско мнозинство во парламентот, што би и‘ овозможило самостојно да усвои нов устав на земјата. Ердоган имено во текот на предизборната кампања пропагираше дека има намера да го поништи актуелниот парламентарен систем предвиден со актуелниот устав воведен од армиските генерали по воениот пуч во 1982 година и да го замени со претседателски систем по пример на Франција и на САД. Во својот прв говор по изборите, турскиот премиер Ердоган изјави дека ќе се потруди да постигне консензус со другите партии заради промена на уставот.
Познатиот колумнист Хасан Ќемал од весникот Милијет смета дека стратегијата на Ердоган пропаднала:
„Таип Ердоган и неговата АКП речиси комплетната изборна кампања ја насочија кон тоа Партијата на националистичка акција МХП да ја задржат под 10 проценти. Но сега МХП стои над 10 насто и тоа ни покажува дека АКП го нема да го достигне неопходниот број од 330 пратенички места за спроведување промени на Уставот“.
Преку независни кандидати до повеќе места во парламентот
За најголемо изненадување се погрижи курдската Партија на мирот и демократијата (БДП). Таа не настапи како партија на изборите , бидејќи немаше да успее да го надмине изборниот праг од 10 проценти, но затоа своите членови ги пријави како независни кандидати на изборите. Преку овој трик партијата веројатно ќе си обезбеди 35 пратенички мандати со што ќе го зголеми бројот на свои пратеници за 15 во однос на претходниот парламентарен состав.
Автор: Улрих Пик/ Симе Недевски
Редактор: Жана Ацеска