1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Трамп сепак ќе се сретне со Ким Јонг Ун

ЖА / агенции
2 јуни 2018

Со денови Доналд Трамп и Ким Јонг Ун го држат светот во неизвесност - ќе се сретнат или не? Американскиот претседател потврди, сепак ќе има историски самит во Сингапур.

https://p.dw.com/p/2ypfU
Kombobild von Kim Jong Un und Trump

Откако го закажа, па го откажа, американскиот претседател Доналд Трамп сега изјави дека  планираниот самит со севернокорејскиот властодржец Ким Јонг Ун ќе се одржи според планот, на 12. јуни во Сингапур . Трамп ова го соопшти во Вашингтон, по средба со севернокорејскиот преговарач Ким Јонг Чол во Белата куќа. Според него, Севернокорејците се подготвени за нуклеарно разоружување, поради што тој веќе не зборува за „максимален притисок“ од страна на САД. Американскиот министер за одбрана Џим Матис на една безбедносна конференција која се одржува во Сингапур изјави дека Трамп и Ким нема да разговараат околу американските трупи во Јужна Кореја, оваа тема не е предвидена за самитот во Сингапур. САД во моментов во Јужна Кореја имаат стационирано околу 28.500 војници.

USA, Washington: Nordkoreas Unterhändler Kim Yong Chol im Weißen Haus empfangen
Доналд Трамп и генерал Ким Јонг ЧолФотографија: picture-alliance/A. Harnik

Севернокорејскиот генерал Ким Јонг Чол при посетата во Белата куќа на Трамп му предаде писмо од Ким Јонг Ун, за чија содржина американскиот претседател не се изјасни, освен што рече дека е „многу љубезно и интересно“, за подоцна да каже дека сѐуште не го ни отворил.

Трамп минатата недела го откажа состанокот со Ким,  повторно обвинувајќи ја Северна Кореја за непријателско настроение, но во меѓувреме двете земји водат преговори на различни локации.

Јужнокорејската влада претпазливо ја поздрави најавата за одржување на самитот Трамп-Ким: „Се чини дека патот за одржување самит меѓу Северна Кореја и САД е проширен“, изјави претседателот Мун Џае Ин во Сеул. 

Севернокорејскиот лидер преку државната новинска агенција КЦНА порача дека и натаму се чувствува обврзан кон процес на денуклеаризација и се надева дека оваа цел може да биде постигната во повеќе последователни чекори и во интерес на двете земји. Денуклеаризацијата на Северна Кореја е клучната спорна тема,  Пјонгјанг и САД под неа подразбираат различни работи, што во основа ги отежнува преговорите и посебно планираниот самит. Имено, Северна Кореја не сака еднострано откажување од свое атомско оружје. Освен тоа, постојат разлики и во поглед на тоа дали освен атомските боеви глави треба да бидат уништени и атомските постројки за облагородување ураниум и дали САД ќе ги повлечат своите воени сили од Јужна Кореја и ќе се воздржат од нуклеарен напад од своја страна.

САД се надеваат да ја придвижат Северна Кореја комплетно да се откаже од нејзината атомска програма и тоа што е можно побрзо. Северна Кореја пак сака да излезе од меѓународната изолација заради генерирање повисок стандард преку надворешна трговија и инвестиции. За таа цел мора да се ослободи од меѓународните економски санкции, на кои инсистираат првенствено САД.