1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Трамп: Никој не се однесува со нас полошо од ЕУ

15 октомври 2018

Американскиот претседател Доналд Трамп повторно ја обвини ЕУ за непријателско однесување кон САД во трговските прашања.

https://p.dw.com/p/36YFB
Donald Trump
Фотографија: Imago/MediaPunch

„ЕУ е создадена за да нѐ искористува во рамките на трговијата, а таа токму тоа и го прави. Никој не се однесува со нас полошо отколку ЕУ“, изјави Доналд Трамп во синоќа емитуваното интервју на американската телевизија Си-Би-Ес.

Новинарката Лесли Стал го потпраша Трамп: „Вашата изјава делува непријателски“, на што тој контрираше, и во поглед на ЕУ истакна: „Знаете ли што е непријателски? Начинот на кој што тие нѐ третираат.“ Доналд Трамп во продолжение изјави дека тој е наклонет кон НАТО: „Но, знаете ли што? Ние не треба да ги плаќаме целокупните трошоци за НАТО за да ја заштитуваме Европа. А згора на тоа, тие нѐ искористуваат во трговијата. Но, нема веќе да го прават тоа, сигурно го разбирате тоа.“

Американскиот претседател и претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер во јули се договорија за окончување на трговските конфликти меѓу САД и ЕУ. Во таа прилика паднаа зборови за „нова фаза на пријателство и блиски трговски односи", за преговори чија крајна цел е да се укинат сите царини и други трговски пречки. И сето тоа по повеќемесечна агресивна реторика на Доналд Трамп против ЕУ и, пред сѐ, против Германија. Но, до денес од намерата не произлезе никаква конкретна активност.

Инаку, во истото интервју синоќа Трамп даде уште еден доказ за неговата веќе позната брза промена на мислењето. Тој истакна дека веќе не ја негира промената на климата, но остана на ставот дека во глобалното загревање улога не игра човечкиот фактор. Трамп употреби друг тон и во однос на рускиот претседател Владимир Путин. На прашањето дали смета оти Путин е вмешан во атентати, на пример преку труење, Трамп одговори: „Веројатно е вмешан“. За разлика од досегашното тврдење за руско немешање во претседателските избори во САД во 2016. година, Трамп синоќа со поинаков став: дека Русите сепак тоа го правеле, но со додавка - истото важи и за Кина.