1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Трамп е најголемиот трансатлантски предизвик за Меркел

Михаел Книге
17 март 2017

За канцеларката Меркел, првата средба со претседателот на САД претставува најголемиот трансатлантски предизвик досега.

https://p.dw.com/p/2Z5QR
Bildcollage Donald Trump Angela Merkel lächelnd
Фотографија: picture-alliance/dpa/J. Knappe & Reuters/K. Lamarque

Кога станува збор за трансатлантските односи и претседателите на САД, канцеларката Меркел – која моментално е во кампања за четврт мандат – има видено речиси сѐ.

Таа беше домаќин на исклучително непопуларниот Џорџ В. Буш во нејзината покраина на Балтичкото море и популарниот Барак Обама на баварските Алпи без притоа премногу да се спријатели со кој било од нив.

За време на владеењето на двајцата претседатели, Меркел се соочи со силни шокови во трансатлантскиот систем, како што беше војната во Ирак и аферата со НСА, но и покрај овие ограничувања таа успеа да воспостави силни врски со Буш и Обама, за кои таа беше првиот човек за сите европски работи.

Комплициран предизвик

Но, во Белата куќа сега е Доналд Трамп и поради тоа Меркел се соочува со нејзиниот најголем трансатлантски предизвик досега. И тоа се случува во време кога таа се наоѓа под зголемен притисок на домашната политичка сцена, каде треба да се соочи со зголемената популарност на Социјалдемократската партија (СПД) во пресрет на националните избори кои се закажани за шест месци.

„Во однос на американската политика, никогаш не било комплицирано како сега“, изјави Јозеф Јанинг, кој ја предводи берлинската канцеларија на Европскиот совет за меѓународни односи.

USA White House Washington DC
Фотографија: picture-alliance/F. Gentsch

Меркел треба да се обиде да оствари пристојни работни односи со претседателот, смета Џон Харпер, професор по надворешна политика на САД на Џон Хопкинс Универзитетот во Болоња, затоа што Трамп е „сосема поинакво животно“ од Обама и Буш.

Тоа е затоа што, за разлика од неговите претходници и Меркел, Трамп нема претходно политичко искуство.

На тоа треба да се додаде и неговиот начин на владеење – како што е неговата тенденција да избувнува брзо и агресивно за безброј прашања, политички и неполитички, често преку Твитер, како и неговата лична борба со медиумите. Овие работи го прават Трамп многу поразличен од останатите поранешни жители на Белата куќа и е во целосна спротивност на политичкиот стил на Меркел, кој рутински се објаснува како смирен и прибран.

Спротивставени светогледи

Иако нивните позадини и начини на владеење се важни, тие сепак имаат дијаметрално различни политички светогледи.

Германската канцеларка претпочита кооперативен и мултилатерален пристап во глобалната политика. Трамп, од друга страна, од она што може да се извлече досега, се чини дека фаворизира пристап на „големата моќ“ во меѓународните односи, презир кон мултилатералните институции и структури и во основа ја гледа политиката како игра на сумирање нули.

Ова го комплицира наоѓањето на заедничка почва помеѓу Меркел и Трамп и ги сведува очекувањата од нивниот прв состанок на доста ниско ниво, особено имајќи ги предвид нивните несогласувања.

Поради тоа, ниту Јанинг ниту Харпер не очекуваат опипливи резултатити од нивната прва средба.

Ниски очекувања

„Еден од нејзините интереси е да добие барем усно обврзување од новиот претседател за Г20 процесот и за идејата на соочување со проблемите преку кооперативни структури“, изјави Јанинг.

Подготовките за самитот на Г20, на кој домаќин ќе биде Меркел, е причина за посета на Белата куќа.

Друга важна тема ќе биде иднината на ЕУ.

Versöhnungs-Gottesdienst in Hildesheim - Zum 500. Reformationsjubiläum
Фотографија: picture-alliance/dpa/J. Stratenschulte

Трамп, кој е силен поддржувач на Брегзит, неколку пати изјави дека нема високо мислење за ЕУ и дека преферира билатерални односи со земјите од ЕУ, наместо да мора да разговара преку Брисел.

Имајќи го предвид анимозитетот на Трамп кон ЕУ, се очекува дека Меркел ќе даде објаснување зошто унијата е важна не само за Германија и Европа, туку и за САД. Тоа би можело да биде тешка задача, забележува Јанинг, затоа што Трамп, за разлика од неговите претходници не ја гледа САД како европска сила и како неспорен лидер на трансатлантската алијанса. Ставот на Трамп кон Европа дојде до израз кога по неговиот избор му беше домаќин на Најџел Фараж, архитектот на Брегзит.

Нема повеќе навреди

Според Харпер, промената на тонот кон Европа е успех: „Се надевам дека со посетата таа (Меркел, н.з.) ќе успее да го убеди Трамп да престане да ја напаѓа ЕУ и да ги охрабрува политичарите како Марин Ле Пен“.

Слично и за односите со Русија, Меркел веројатно ќе му објасни на Трамп дека таа очекува да остане на позицијата на заедничките принципи и правила на поствоениот поредок во неговите односи со Москва.

Дали Меркел и Трамп ќе најдат заедничко тло да соработуваат ќе биде јасно по овој состанок. Тоа ќе биде за време на следната половина година, круцијално време за Меркел, која се соочува со избори и за Трамп кој треба да продуцира резултати.

Сепак, Харпер смета дека од нивниот состанок најверојатно ќе има еден итен ефект.

„Откако Трамп ќе се сретне со Меркел, ќе му биде многу тешко да ја навредува".