1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Трамп го ескалираше судирот со Мексико

БГ /АП
31 мај 2019

Во обид да го запре напливот на илегални мигранти кои ја минуваат јужната граница, претседателот на САД Доналд Трамп во четвртокот најави воведување на царини на сите производи кои се увезуваат од Мексико.

https://p.dw.com/p/3JWcu
USA Donald Trump
Фотографија: Reuters/K. Lamarque

Потегот на Трамп драматично ја ескалира неговата битка да го контролира бранот од десетици илјади баратели на азил кои пристигнуваат во САД бегајќи од сиромаштија и насилство.

Најавата за воведување царини ги потресе и инвеститорите кои стравуваат дека трговскиот судир може да и наштети на глобалната економија. Мексиканскиот пезос, американскиот индекс на акции и азиските берзи доживеаја пад на вредноста, како и акциите на јапонските автомобилски производители кои го вршат својот извоз во САД преку Мексико.
Одлуката на Трамп, објавена преку Твитер, а потоа и со официјална изјава, е директен предизвик за мексиканскиот претседател Андреас Мануел Лопес Обрадор и ја изненади мексиканската влада која токму денеска се подготвуваше да започне формални преговори за ратификација на трговскиот договор со САД и Канада.

Тоа го зголемува ризикот и од уништување на економските врски на САД со својот најголем трговски партнер за стоки. Мексико се издигна во тој статус откако Трамп започна трговска војна со Кина. Царините ќе започнат на 10 јуни со стапка од 5 проценти, а ќе се зголемуваат месечно се до 25 проценти на 1 октомври, доколку Мексико не преземе итни мерки.
„Доколку илегалната миграциска криза биде ублажена преку ефективни мерки преземени од Мексико, што ќе биде оценето во наша дискреција и пресуда, тарифите ќе бидат отстранети“, рече Трамп. 

„САД стануваат гето!“

Лопес Обрадор одговори во писмо постирано на Твитер, во кое ја нарече политиката на Трамп, Америка на прво место „заблуда“ и го обвини дека ги претвора САД во „гето“, во кое се стигматизираат и злоупотребуваат мигрантите.

Mexiko: Präsident Lopez Obrador
Лопес Обрадор го обвини Трамп дека ги претвора САД во „гето“Фотографија: picture-alliance/A. Nava

„Претседателе Трамп, социјалните проблеми не се решаваат со царини и принудни мерки“, напиша Обрадор, додавајќи дека делегација предводена од министерот за надворешни работи Марсело Ебрард ќе пристигне во Вашингтон в петок. Мексиканскиот претседател не се закани со противмерки, објаснувајќи дека сака да избегне судир.
Мексиканската влада во последните месеци драстично ги засили контролите на движењето на мигрантите, притворајќи и депортирајќи десетици илјади, во обид да ги исполни барањата на САД.
Сепак, на границата со САД секојдневно пристигнуваат 4.500 нови мигранти, претежно од земјите на Централна Америка, а околу 80 илјади се сместени во притвор од страна на американските власти.

Претставник на Белата Куќа изјави дека Трамп бил особено загрижен откако во средата американските гранични агенти запреле група од 1.036 мигранти илегално ја преминале границата од Мексико.