Траекти на соларен погон - вистински новитет на европските води
28 април 2014Првиот од четирите соларни траекти од новата генерација го проектираше и го изгради бродоградилиштето „Формштал“ од Штралзунд и тоа за само шест месеци.
Бродот е речиси 20 метри долг, плови на електричен погон, што значи и без емисии на штетни гасови. Згора на тоа, го опслужуваат помалку луѓе бидеќи бродот има многу технички новитети, како на пример магнетен систем за пристанување. „Овие системи овозможуваат еден човек да управува со траектот“, вели Хелмут Ланге, раководител на проектот во „Формштал“ Штралзунд
Меѓутоа, пред да ги прими првите патници, траектот мора да помине сеопфатни тестови. Овластените контролори сакаат, меѓу другото, да проверат дали моторите можат да работат под полн напон и со околу 40 гости на бродот.
Тежината на патниците се симулира со товар тежок повеќе тони. Резултатот гласи: електромоторите достигнуваат максимална брзина од 12 километри на час. „Ние сме чекор понапред и сметам дека со овој нов производ тука во Германија, но и надвор од неа, отвораме еден пазар, кој сѐ уште воопшто не можеме да го процениме.“, истакнува Хелмут Ланге.
Еден час пловна употреба на траектот чини помалку од десет евра, вели производителот. А тоа е силен аргумент за купувачите и од странство, уверен е шефот на пристаништето, Томас Кимштед: „Се разбира, веќе има првични распрашувања, први најави на заинтересираност, занимливи потпрашања. Прерано е да се каже дали од тоа ќе се развие бизнис.“,
Во Германија бизнисот веќе тргна. Од почетокот на годинава соларните траекти веќе пловат по берлинските езера. Бродската компанија сезонава очекува околу еден милион патници, кои со помош на сончева енергија ќе ги препловуваат езерата во главниот град.