1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Тоа не е знак на смирување на ситуацијата во Украина

Коментар: Инго Мантојфел/Превод: Жана Ацеска3 мај 2014

Ослободувањето на воените набљудувачи на ОБСЕ треба да биде поздравено, но тоа не е знак на намалување на напнатоста и конфликтот во Украина, смета Инго Мантојфел во својот коментар.

https://p.dw.com/p/1BtNK
Фотографија: DW

По речиси една недела, проруските сепаратисти во источна Украина ги ослободија западните и украински воени набљудувачи, кои ги држеа, а кои во земјата беа врз база на договорот со ОБСЕ. Владимир Лукин, специјалниот пратеник на рускиот претседател Владимир Путин, успеа да постигне нивно ослободување без предуслови.

За поздравување е што проруските сили ги ослободија луѓето кои ги означуваа како „шпиони на НАТО“ и „воени заробеници“. Исто така, мора да се пофали тоа што, крајно, во посредувањето се вклучи Русија, под притисок на Западот и ангажманот на поранешниот германски канцелар Герхард Шредер. Но, ослободувањето не е никаков сигнал за смирување на конфликтот.

Слики на војна

Имено, борбите меѓу украинските владини трупи и тешко вооружените сеператистички милиции во источно-украинскиот регион Доњецк продолжуваат: украинскиот министер за внатрешни работи Арсен Аваков денеска (03.05.2014) најави продолжување на воената операција против проруските сили во Краматорск, неколку километри оддалечен од Славјанск. Настаните во југозападното украинско пристаниште Одеса во последните часови најавуваат дури и очекување од натамошно заострување на меѓусебните судири. Таму, во борбите ноќеска меѓу проруските и проукраинските групи и пожарот во опколената зграда на синдикатот, има бројни загинати.

На двете страни во конфликтот има сили кои ја потпалуваат ескалацијата или стремат кон постигнување решение со примена на сила. Кај конфликтните партии се‘ помалку се слуша апелот на Западот за мирно решение: проруските сепаратистички сили очигледно се залагаат за натамошно дестабилизирање на Украина, зада ги спречат претседателските избори во Украина, најавени за 25. мај. Украинското владино и државно раководство, со оглед на растечкото губење на контролата во источна Украина, се наоѓа во тешка ситуација. Тоа се наоѓа под зголемен притисок на јавноста во Украина да демонстрира сила и на таков начин да се справи со сепаратистите. Во секој случај, тешко е да се гледа со скрстени раце како се распаѓа украинската држава. Оваа експлозивна мешавина од тврдоглавост, ширење страв и меѓусебно обвинување е рецепт за граѓанска војна во Украина, посебно што соседот Русија игра притоа ѓаволска улога.

Руската перфидна тактика

Прозападната власт во Киев, на чело со Турчинов и Јацењук, која на власт дојде по соборувањето на украинскиот претседател Виктор Јанукович, во Кремљ разбуди страв дека во геополитичката игра со ЕУ краткорочно, а долгорочно и со НАТО, може да ја загуби Украина. Затоа, руското водство ги користи слабостите на украинската централна влада и во март го анектираше Крим. Руската политика сега цели на спречување на претседателските избори на 25 мај и со нив легитимирањето на новото украинско раководство. Притоа, свесно се прифаќа ризикот, со тоа Украина да биде вовлечена во граѓанска војна, а можеби тоа е и свесната калкулација. Зашто, дека Русија има поголемо влијание врз сепаратистичките сили отколку што признава и дека може да ги смири, ако тоа навистина го сака, покажа и ослободувањето на воените набљудувачи на ОБСЕ, постигнато преку рускиот специјален пратеник.