1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Тивок, но силен отпор против Ердоган

ЖА/дв/афп/дпа/ртре19 јуни 2013

Во Турција се‘ повеќе луѓе се приклучуваат на протестот против исламско-конзервативната влада на премиерот Реџеп Таип Ердоган на нов начин - со молчење. Полицијата е воздржана - засега.

https://p.dw.com/p/18shd
Фотографија: Reuters

На централниот плоштад Таксим во Истанбул синоќа (18.06) се собраа неколку стотици луѓе „неми“ луѓе. Тие протестираат против, од нивен аспект, авторитарната влада на премиерот Ердоган, како и против употребата на сила од полицијата во текот на минатите денови. Акцијата на нем протест ја почна еден турски кореограф, кој со часови стоеше немо и неподвижно на плоштадот Таксим, а кого медиумите го нарекоа „Човекот што стои“.

Демонстрантите стојат и го насочуваат својот поглед кон делот на Културниот центар, на кој стои портрет на основачот на Турција, Кемал Ататурк (на насловната фотографија). Една млада жена облечена во црно во едната рака држи празен патрон од граната со солзавец, во другата рака - турскиот кривичен законик. Други демонстранти стојат завиткани во турски знамиња. Полицијата, која минатите денови масивно интервенираше со солзавец, засега се држи настрана, но водените топови се во приправност.

ОН загрижени и ожалостени

Генералниот секретар на ОН Бан Ки Мун покажа загриженост поради бруталниот однос на турската влада против демонстрантите. Тој и натаму внимателно го следи развојoт на настаните и изразува жалење поради мртвите и повредените во судирите. Бан побара од сите страни максимална можна воздржаност и почнување конструктивен дијалог заради надминување на постојните разлики и избегнување натамошни судири.

Вчера полицијата според различни извори уапсила до 130 владини противници. Тие се обвинети за учество во протестите против владата и употреба на сила против полицијата, се вели во медиумските извештаи.

Türkei stummer Protest
Фотографија: Reuters

Протестниот бран кој ја зафати целата земја започна од паркот Гези во центарот на Истанбул, каде власта планираше да ги урне дрвјата и да реконструира поранешна отоманска касарна, да изгради станови и трговски центар.

Турската заедница: Прекин на пристапните преговори со ЕУ

Германскиот министер за надворешни работи Гидо Вестервеле повторно ја критикуваше употребата на сила при полициската интервенција . Демонстрациите се знак за зрелоста на цивилните општества, изјави тој на „Глобал медиа форум“ што го организира Дојче веле, а се одржува во Бон. Секој демократ би требало да се радува и да не стравува кога цивилното општество го користи правото на слобода на мислење и на собирање. Само слободните општества произведуваат неопходна креативност за успех на културен, интелектуален, општествен и економски план во ера на глобализација, смета Вестервеле.

Турската заедница во Германија побара прекин на преговорите за пристап на Турција во ЕУ. Нејизниот претседател Кенан Колат за Дојчландфунк изјави дека се‘ додека владата во Анкара се справува со протестите во ваква форма и употребува сила, ЕУ треба да сочека со отворањето на натамошни поглавја. Важно е владата во Анкара да добие ваков сигнал, смета Колат. Турција од октомври 2005 година води преговори за прием во ЕУ, но тие речиси да не напредуваат. Преговорите треба да продолжат следната недела.