Тешка мисија за Меркел во Турција
2 февруари 2017Ова е службено патување на кое се носи тежок багаж. Тоа што германската канцеларка Ангела Меркел денеска (2.2.) престојува во Анкара, секако ќе ѝ осигура внимание во целокупната светска јавност. Ова е прво патување на Ангела Меркел во Турција по неуспешниот државен удар во земјата на 15 јули минатата година. А оттогашпретседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, земјата ја престрои во автократски манир. Десетици илјади опозициски политичари, новинари, државни обвинители и обични граѓани се уапсени. Критички настроените медиуми се затворени, курдските опозициски сојузи се распуштени. Обвинувањата се секогаш исти: учествувале во државниот удар. Турската влада ги обвинува симпатизерите на движењето на свештеникот Фетула Ѓулен дека се одговорни за обидот за државен преврат. Исламско-конзервативната владејачка партија АКП сега веќе рутински ги отфрла меѓународните критики дека постапува репресивно. А Германија ја обвинува за недостаток на солидарност во борбата против тероризмот. Притоа, уште се додава оти Германија им пружа засолниште на симпатизерите на, во Турција забранетата, Работничка партија на Курдистан (ПКК) за да обезбедат пари и борци.
Сето ова не се добри знаци пред посетата на Ангела Меркел. Оваа посета многу германски опозиционери ја гледаат како целосно погрешен сигнал. Политичарката на Левите, Севим Дагделен, смета дека нејзината посета доаѓа „во невреме“. Таа изјави за германското радио „Дојчланд функ“ оти посетата, само неколку недели пред референдумот за уставните промени, може да биде протолкувана само како поддршка за Ердоган. Турскиот парламент пред една недела усвои реформи на Уставот за претседателскиот систем. А тој систем на шефот на државата, би му овозможил значително повеќе моќ.
Политичарката на Партијата на зелените, Клаудија Рот, се сеќава на посетата на Меркел во Турција во 2015 година. Таа средба Ердоган ја злоупотреби за својата предизборна кампања, рече Рот за агенцијата ДПА. А претстојниот референдум, смета таа, е всушност „укинување на парламентарната демократија“. Бидејќи, тоа што Меркел молчи за кршењето на човековите права во Турција, вели Рот, на Ердоган му сигнализира оти Европа и натаму би можел да ја уценува со отворање на границите за бегалците. А договорот за бегалците меѓу ЕУ и Турција значително го намали бројот на бегалци во Грција. Анкара повтори дека ќе го раскине пактот со ЕУ.
Ваквите обвинувања за посетата на Ангела Меркел, портпаролот на германската влада решително ги отфрла. „Секоја мисла која ги поврзува посетата на канцеларката со претстојниот референдум за уставните промени е апсурдна “, рече Штефан Зајберт. Станува збор за работна посета на една земја, партнер во НАТО сојузот и важна соседна земја на ЕУ. „Бидејќи, токму сега, кога мора да разговараме за ситуацијата во Сирија, и кога мора да разговараме за врските меѓу Турција и Европа, токму сега е важно да се бара таков разговор.“
АИ: На посетата на Ангела Меркел ѝ недостасува агенда за човекови права
Но, самите разговори на ниво на двете влади не се доволни. Мари Лукас, експерт за Турција во организацијата за човекови права Амнести интернешенал, вели: „Госпоѓата Меркел мора да ги спомене уапсените мирни критичари на владата и би требало да се сретне и со опозиционерите и прогонуваните бранители на човекови права.“ Лукас потсетува дека „Германија очигледно сѐ уште има влијание и би требало да го искористи“.
Во преговорите за бегалскиот договор на ЕУ со Турција, германската влада пропушти, вели оваа активистка, да го институционализира дијалогот за човекови права. „Бидејќи, во минатото видовме дека токму прогонствата на одделни критичари владата ги користи кога владите на другите земји поднесуваат протест.“ Но, германската влада засега молчи, посебно кога станува збор за темата- измачување во турските затвори, вели Лукас. „Според нашите истражувања, оние кое се обвинети дека учествувале во државниот удар во затворите масовно доживуваат мачење. А за тоа сојузната германска влада досега не кажа многу.“
Азил за турските офицери
Истотака неодамна стана познато дека околу 40 турски офицери по обидот за пуч побарале азил во Германија. Офицерите кои биле ангажирани во НАТО, стравуваат за својата слобода по евентуалното враќање во Турција а многумина и за својот живот. Некои набљудувачи сметаат дека за тоа постојат и цврсти причини. Турскиот министер за одбрана Фикри Исик ја предупреди германската влада да не им одобри азил. Ако им бидат одобрени барањата за азил „тоа со себе ќе повлече сериозни консеквенци“.
Германската влада соопшти дека барањата за азил ќе бидат проверувани во вообичаена процедура. Одлучувачки всушност ќе бидат правилата на германските закони за азил, а „службите надлежни за тоа ќе го проверуваат секој поединечен случај“. А прашањето дали овој одговор ќе ја задоволи и турската влада, би можело да игра клучна улога кога станува збор за успехот на посетата на Меркел на Турција. Според многу фактори, станува збор за тешка посета на германската канцеларка.