1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Тесен пораз на Османи во трката за градоначалник

12 мај 2011

Кандидатот на Македонска алијанса за европска интеграција во Албанија, Едмонд Османи, ја изгуби трката за градоначалник на општина Требиште, за само дваесет гласови разлика.

https://p.dw.com/p/11EAL
Фотографија: DW

„Не сум разочаран иако да бидам искрен не ми е сеедно. Најбитно е што го скршивме мразот, што Македонец учествуваше на изборите за градоначалник. Тоа е првично најголемиот успех на нашата партија. Поради се поголемото осознавање на Македоците, верувам дека ќе имаме успеси во наредниот период“, вели Османи.

Триесет и три годишниот Османи, дипломиран градежен инжињер, е најголемиот борец за зачувување на македонскиот идентитет, традиција и култура во областа Голо Брдо. Тој е потпретседател на Македонската алијанса за европска интеграција и претседател на регионалниот комитет за оваа област. Најзаслужен е за спроведувањето на курсевите по македонски јазик во повеќе села во оваа област, каде за првпат Македончињата научија да пишуваат и читаат на нивниот мајчин, македонски јазик. Негова заслуга е што по повеќе години работите се поместија од „мртва точка“ и околу преминот Џепиште –Требиште, кај Дебар, кој се очекува да профункционира во втората половина од годинава. Османи е раководител на подружницата на Шумското стопанство за областа Голо Брдо.

Edmond Temelko und Edmond Osmani Kandidaten für die Bürgermeisterwahl in Pustec und Trebishte
Едмонд Темелко и Едмонд Османи, македонските кандидати за градоначалници во албанските општиниФотографија: Vera Todorovska

Едмонд Османи во изминатите четири години беше еден од четворицата советници од македонската партија во Советот на општина Требиште. На овие избори македонската партија доби тројца советници. Претходно партијата обезбеди осум советнички места, од нив пет во Пустец, две во Билишта и едно во руралната општина Пирг, околија Корча. Очекуваат уште неколку, зашто пребројувањето на гласачките ливчиња сеуште трае. На неделните локлани избори втор мандат за градоначалник на Пустец доби вториот македонски кандидат, Едмонд Темелко.

Автор: Вера Тодоровска

Редактор: Борис Георгиевски