1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Теророт нема религија“

Кај-Александер Шолц / Е.М.Фиданоска14 јануари 2015

Германската Исламска конференција ги осуди нападите во Париз. Тие немаат ништо со исламот, беше речено во Берлин. Темата која првично требаше да биде во фокусот е засенета од актуелните случувања.

https://p.dw.com/p/1EJlg
Фотографија: picture-alliance/dpa/B. Von Jutrczenka

Речиси може да се помисли дека поранешниот германски министер за внатрешни работи Ханс-Петер Фридрих дочека задоцнета потврда. Политичарот на ЦСУ тежиштето на Исламската конференција, која се одржува од 2006 година, го стави врз темите радикализација, екстремизам и безбедносни прашања. Поради тоа беше изложен на многу критики од своите партиски колеги и од муслиманските здруженија.

Де Мезие е за нови теми

Неговиот наследник Томас де Мезие пред една година со учесниците договори нов старт на Исламската конференција. Главни теми на средбата сега треба да бидат општествени теми, како хуманоста и душегрижништвото. Но, по нападот во Париз и со оглед на растечкото движење Пегида, овој план не е остварлив.

На почетокот на Исламската конференција, која се одржува во Берлин (13/14.01) партискиот колега на Фридрих, Штефан Мајер од ЦСУ, ги повика организаторите да се зафатат и со стратегиите против радикализацијата. Исламската конференција „треба да служи за размена на мислења и околу растечката радикализација на младите муслимани и мерките за спречување на насочувањето кон салафизам“, рече Мајер за „Рајнише пост“. Освен тоа, според него, сите учесници мора „јасно и недвосмислено да се дистанцираат од варварските напади во Париз“.

Сигнал на заедништво

Службата за информирање на Министерството за внатрешни работи набрзина ја промени програмата и вчера претпладне свика централна конференција за печат. Како што образложи министерот за внатрешни работи Де Мезие, утрото било брзо постигната согласност дека актуелната тема „која предизвикува загриженост кај населението“ е тесно поврзана со темата хуманост. Освен тоа, додаде тој, кај него предизвикало почит и благодарност не само тоа што муслиманските здруженија решително го осудиле теророт, туку и тоа што ги потврдиле своите определби за соживот во Германија. „Тоа се важни и драгоцени знаци“, за кои тој лично е благодарен, нагласи министерот.

PK zur Islamkonferenz in Berlin
Фотографија: picture-alliance/dpa/B. Von Jutrczenka

Истовремено, меѓутоа, Де Мезие стави јасно до знаење дека промената на програмата на Исламската конференција е еднократна. Безбедноста е тема за разговор на владата со здруженијата, но не и тема на Исламската конференција. „Што се однесува до темите на Исламската конференција постои јасна согласност и на тоа и ќе се остане“, рече Де Мезие. Неговата колешка во владата, министерката за семејство Мануела Швезиг, го пофали министерот за внатрешни работи поради таквата одлука. „Ако на Исламската конференција и‘ се натоварат и безбедносни прашања, таа ќе биде преоптоварена“, рече Швезиг.

„Ова се тешки времиња, мораме да издржиме заедно, онака како што тоа денес го правиме“, оцени портпаролот на Координативниот совет на мислуманите Ерол Пурлу, кој го осуди најостро „грозоморниот напад“ во Париз. Тоа е напад „врз нашите демократски и муслимански вредности“, нагласи тој.

Никој не смее да бара легитимација за теророт во исламот или во другите религии. „Теророт нема религија“, рече Пурлу. Повикувањето на исламот е неприфатливо, додаде и министерот Де Мезие. Во врска со движењето Пегида, Пурлу упати апел да не се дозволи радикалите да го поделат општеството, да не се дозволи преку поларизација соседите да станат странци и да бидат урнат мостовите.