Терор и жртви спроти изборите во Авганистан
15 август 2009Во патничкиот автомобил-бомба биле сместени 500 килограми експлозив. Цел на нападот биле командата на меѓународните заштитни трупи ИСАФ предводени од НАТО и американската амбасада. „Атентаторот самоубиец ја предизвика детонацијата на околу 30 метри оддалеченост од командата на ИСАФ. Авганистанските безбедносни сили успеаја да го запрат возилото, и тогаш напаѓачот го активира експлозивот“, објасни портпаролот на ИСАФ, Канаѓанецот Ерик Трембли.
Според сведоци, во круг со радиус од повеќе стотици метри биле искршени прозорци од силата на експлозијата, изгореле дестици автомобили, а над градот се кренал облак од црн чад. Талибанците, преку телефонска изјава на нивен портпарол, ја презедоа одговорноста за нападот и тврдат дека биле убиени најмалку 25 странци, меѓу нив и војници на НАТО и дипломати и вработени во амбасадата на САД. Нивните наводи досега се покажаа како крајно несигурни и погрешни.
Гласачите мора да се чувствуваат безбедно
Во квартот каде е извршен нападот се наоѓаат и германската амбасада, мисијата на ОН, а недалеку е и службената резиденција на авганистанскиот претседател Карзаи. Нападот уследи откако талибански групи, според наводи на Ахмед Вали Карзаи, помлади брат на претседателот, за телевизијата Ал Џазира, се согласиле да не ги попречуваат изборите со насилство. Водачот на талибанците Мула Омар повикаа на бојкот на вторите претседателски избори по соборувањето на талибанскиот режим во 2001 и се закани со напади во целата земја. Но, нападите сепак му се припишуваат на еден од лордовите на војната, Џалалудин Хакани. „Предуслов за слободни и фер избори е избирачите да се чувствуваат сигурни. Ако тие се чувствуваат загрозени на денот на изборите, нема да излезат на гласање“, укажува Харун Мир од Центарот за авганистанска наука и политика.
Автор: ЗЈ/АТ/дпа/дв
Редактор: Александра Трајковска