1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Тензии на авганистанско - иранската граница

Шабнам фон Хајн
14 август 2021

Милитантните исламистички талибанци ја продолжуваат својата молскавична офанзива во Авганистан. Сѐ повеќе Авганистанци, вклучувајќи цивили и војници, бегаат и во соседен Иран. Ситуацијата на границата е напната.

https://p.dw.com/p/3yx6p
 Grenzschützer
Фотографија: Tasnimnews

Реагирајќи на напредувањето на талибанците по повлекувањето на меѓународните трупи на почетокот на мај, Иран го засили своето воено присуство на границата со Авганистан. Граничарите од минатиот викенд се во постојана готовност, зашто од другата страна на границата се војниците на милитантната исламистичка организација, талибанците. 

Талибанците контролираат повеќе од половина од приближно 400 окрузи во земјата и неколку провинциски престолнини.

Според УНХЦР, во бегство се речиси 250.000 Авганистанци. Многумина бегаат во Иран, вклучувајќи и бројни војници. Талибанците на 6 август го зазедоа и Зарањ, главен град на провинцијата Нимруз на иранската граница.

Веднаш потоа, преку границата избега цел конвој воени возила со војници од авганистанската војска. Побегнаа и граничарите, откако им го предале оружјето на иранските граничарипри влезот.

Депортации назад во Кабул

Уште од почетокот на јуни, Иран ги депортираше пребеганите авганистански војници назад во Кабул, зашто така официјано бараше авганистанската влада, како што потврди во средината на јули портпарол на иранската војска. Иран не сака да има проблеми, ни со владата во Кабул, ни со талибанците.

Границата меѓу Иран и Авганистан е долга 950 километри, поминува преку високи планини и тешко е да се обезбеди. Официјално постојат само три гранични премини, а сега два се под контрола на талибанците. 

„Војниците кои побегнаа сега, не се израчени на талибанците“, изјави Зила Баниџагуб за Дојче веле, новинарка од Техеран која веќе 15 години работи како дописник од Авганистан. Таа има објавено две книги и многу добро ги познава пограничните региони меѓу Иран и Авганистан.

-повеќе: 

Страв за Кабул- САД ги засилуваат трупите

Талибанците напредуваат – вината не ја одминува ни Германија

Продолжува блиц-офанзивата на талибанците во северен Авганистан

Авганистан: Крај на сонот за извоз на демократија

Видео објавено на 8 август на Твитер прикажува дискусија меѓу ирански граничен офицер и група талибанци. Талибанците бараат да им бидат израчени Авганистанците кои побегнале во Иран. „Тие се наши гости. Нема да ги присилуваме да се вратат“, одговара иранскиот офицер.

Иранските граничари знаат дека тензичната ситуација на границата се следи со големо вномание, во Техеран и на социјалните мрежи. Без оглед на повеќегодишните билатерални разговори меѓу иранската влада и претставниците на талибанците, талибанците во Иран се омразени.

Иран во 1998 година започна воена акција против талибанците кои претходно убија осум ирански дипломати и еден дописник на иранската државна новинска агенција ИРНА во иранскиот конзулат во градот Мазар и Шариф во северен Авганистан. Денот на убиството на дописникот, 8 август, во Иран се одбележува како Ден на новинарите. Поради тоа многу новинари отворено ги критикуваат преговорите меѓу Иран и талибанците. 

САД, во време на бившиот претседател Доналд Трамп, го обвинија Иран дека им испорачува оружје на талибанците за да ги напаѓаат американските војници во Авганистан. Иран тоа го демантираше и го поздрави повлекувањето на американската војска од непосредното соседство. За Иран сега би бил важен договор со талибанците, поради безбедност на границите.

Karte Afghanistan mit Nachbarländer EN
Авганистан и Иран ги дели граница долга 950 километри

Илегално преку граница

По должината на заедничката граница од 950 километри има безброј рути за илегален премин, ги користат криумчари на дрога, но и луѓе во бегство.

Во Авганистан се наоѓаат најголемите полиња со опиумски афион во светот и затоа земјата е главен лиферант на опиум, хероин и други опиати. Според ОН, во последните пет години околу 84% од глобалното производство на опиум било со потекло од Авганистан.

Дел од таа дрога која се произведува во Авганистан, преку Иран стигнува и во Европа. Бегалците кои не сакаат да бидат регистрирани во Иран, исто така преку Иран и Турција стигнуваат во Европа. Турција сака да ја обезбеди својата граница со Иран со бетонски ѕид висок три метра. Од почетокот на повлекувањето на меѓународните трупи од Авганистан, Турција интензивно работи на овој проект.

Иран моментно нема намера да изгради ѕид на границата со Авганистан. Иранската економија е тешко погодена од американските санкции. Освен тоа, постојат и блиски културни и јазички врски со етнички групи како што се Таџиките и Хазарите во северен Авганистан.

Во Иран моментно се регистрирани преку 750.000 авганистански бегалци, а нелегално тука живеат до два милиони Авганистанци.

„Ситуацијата на границата е несигурна“, истакнува Зила Баниџагуб за Дојче веле. „Не постои план или концепт за прифаќање на бегалците. Илјадници луѓе легално или нелегално пребегаа во Иран. Во контакт сум со локалното население на иранската граница. Многумина се загрижени и се во неизвесност во поглед на идните настани. Во ионака сиромашните погранични региони луѓето страдаат од трајна суша и пандемијата на коронавирус. Расположението на границата лесно може да се промени. Но, ако Иран ги затвори своите граници, илјадници луѓе од авганистанската страна би биле оставени на милост и немилост на талибанците и нивните ѕверства.“