1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Тежок пат до приватна фирма во БиХ

Самир Хусеиновиќ/Б.Г.3 јули 2013

Регистрација на фирма во БиХ трае околу 40 дена. Според оценката на меѓународните институции, процедурата е многу комплицирана и скапа, поради што земјата е на дното на европската скала за развиеност на бизнисот.

https://p.dw.com/p/191D4
Фотографија: Fotolia/Nomad_Soul

Иако при регистрацијата на фирмата се сретнал со низа непредвидени околности и проблеми на кои не можел да влијае, Мухамед Каровиќ од Сараево смета дека „не е тешко“ да се регистрира фирма во БиХ. Потсетува дека за основање на друштво со ограничена одговорност (Д.О.О.) потребен почетен капитал од околу 2.000 конвертибилни марки, документација и „многу добра волја и трпение“.

Укажувајќи на нелогичностите во процесот на регистрација, Каровиќ вели дека плаќањето на давачките почнува и пред завршувањето на целиот процес.

„Државата бара со датумот на издавањето на судското решение за основање на фирмата да се постави директор и да почнат да се плаќаат давачки, а дури врз основа на судското решение добиваме печат и останата документација потребна за завршување на процесот на регистрација“, вели Каровиќ.

Иако последниве години постапката за регистрација беше поедноставена, почнувањето приватен бизнис во земјата се' уште е комплицирано. Целиот процес, се' до конечното објавување во Службен весник, може да биде макотрпен. Тој е детално опишан во проектот на владата на Федерацијата на БиХ под име „Краток водич за претприемништво и начин на регистрација на бизнис субјекти“, каде се препорачува регистрацијата на Д.о.о. да се препуши на адвокатски канцеларии.

Muhamed Karovic Unternehmer aus Sarajevo
Мухамед КаровиќФотографија: DW/S. Huseinovic

Неодговорна администрација

„Процесот може дополнително да го искомплицира и неодговорната администрација“, вели Каровиќ, кому, на пример, му била впишана погрешна адреса.

„Му ја вратив документацијата на судот, а таму беше исправена грешката само на едно место. По три дена кога се вратив во судот ми рекоа дека судијката заминала на семинар, па морав да чекам уште 4-5 дена таа да се врати“.

Мухамед Каровиќ е еден од оние, кои и покрај проблемите, не се откажал од намерата со почнување сопствен бизнис да си ја креира судбината. Тоа е придонес за развојот на малото стопанство кое, според експертите, треба да биде темел за развој на земјата. Секако, доколку државата обезбеди услови за успешен развој.