1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Твитер: „контра-ракавици“, багери и Прометеј

Н. Домазетовиќ11 август 2016

Додека жителите на поплавените подрачја мака-мачат да се справат со катастрофата, багерите низ Скопје „водат“ друга политика. На социјалните мрежи се анализира колку домови ќе спасеше Прометеј и како се носат ракавици?

https://p.dw.com/p/1Jg1F
Фотографија: MIA

Придружуван од своите сопартијци, деновиве јавноста беше сведок на неколку заеднички настапи на Груевски и тимот. Деновиве тој ги менува улогите: од лидер на партија во премиер; од загрижен граѓанин во раководител на кризен штаб. Во апсурдноста на целата ситуација и во настапите на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ некои го препознаа владиниот концепт на т.н. „роуд шоу“ за странски инвеститори. Овој пат, Груевски не трча по странските инвеститори, туку по политички поени.

Така, тој и својот тим ги засукаа ракавите и отпочнаа „оф-роуд“ шоу во калта, која се претвори во патека за политичка трка. Недостасуваа само уште ракавици...

Сепак, вредните раце на Груевски не се доволни.
Неколку дена, стотици волонтери се присутни во загрозените места каде делат хуманитарната помош и го расчистуваат теренот. Волонтерите, кои главно се организираат преку социјалните мрежи, постојано споделуваат информации од теренот. Нивните укажувања се дека најголем проблем во справувањето со последиците од поплавата се блокираните улици и недостапноста на одредени места. Поради тоа, од исклучителна важност е носење на механизација на терен.

Се чини солидарност постои само меѓу граѓаните, оти среде катастрофата, останатите скопски општини решија приоритет да им дадат на сопствените проекти. Кога се бара машина повеќе да им се олесни на настраданите од поплавата, градоначалникот на општина Карпош, Стевче Јакимовски денес дал наредба наместо во Стајковци, општинскиот багер да се упати во Тафталиџе.

Но жителите на населбата и денеска, по трет пат, спречија да се уништи зелената површина и на неа да се започне да се гради.

Градежни работи во кои е вклучена механизација каква што е неопходна во Стајковци и останатите загрозени места може да се види и во градскиот центар.

За критичарите, проектите на владата не знаат за солидарност. „Битно се гради“, коментираа корисниците на Твитер. Па така и споменикот на Прометеј се „појави“ во една од поплавените улици во Стајковци.

Коментарите на социјалните мрежи се дека статуата на Прометеј, односно парите кои беа потрошени за нејзино поставување, можеа да бидат искористени за инфраструктурни проекти во сега веќе опустошените подрачја.

Во меѓувреме, УХМР најави силно невреме за во четврток. Најавата беше дочекана со потсмев на социјалните мрежи, затоа што институцијата на чело со Оливер Ромевски не успеа да ја предупреди јавноста за катастрофалното невреме кое однесе 21 човечки живот.