1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Тајвански бизнисмен воспоставува азиска Нобелова награда

СН/АТ/ртр/бета28 јануари 2013

Тајванскиот магнат Самуел Јин, со огромни бизнис интереси во Кина, денеска соопшти дека покренува фонд од кој ќе финансира добитници на т.н. азиска Нобелова награда- за достигнувања во природните и општествените науки.

https://p.dw.com/p/17Snn
Фотографија: Reuters

Лидерот на Руентекс групата соопшти дека основа Фондација за наградата Танг, со почетен капитал од три милијарди нови тајвански долари (103 милиони американски долари). Наградата го добила името по династијата Танг (618- 907), која е особено ценета меѓу Кинезите поради културните и научните достигнувања.

Наградите ќе бидат доделувани секоја втора година на меѓународните лидери во биофармацијата, одржување на развојот, истражување на Кина и владеење на правото.

Јин (62) рече дека се решил за овие области, бидејќи нив не ги опфаќа Нобеловата награда, а имаат особена важност за човештвото.

Наградите ќе почнат да се доделуваат од наредната година, а на добитниците ќе им припаднат по 50 милиони нови тајвански долари (1,7 милиони долари).
Нобеловите награди за мир, медицина, хемија, физика, книжевност и економија изнесуваат по 1,2 милиони долари.

Јин минатата година вети дека ќе даде 95 проценти од вкупното богатство, кое се проценува на 100 милијарди нови тајвански долари, во добротворни цели.
Тој е познат по широкоградите донации во образованието и во добротворни цели во Кина, кои придонесоа до зајакнување на неговото влијание во таа земја.
Тајванските медиуми пренесуваат дека тој со стипендии им помогнал на повеќе од 80.000 кинески студенти.

Јин во крајот на 80-тите години од минатиот век го кофинансирал градењето на 250 колометри долгата железничка пруга во источна Кина. На пекиншкиот универзитет го основал Факултетот Гвангхуа за менаџмент, кој станал важен извор за персонал во владата на Кина и во државните фирми.

Номинациите за наградата Танг ќе ги објавува специјален комитет на Кинеската академија, најпрестижната тајванска истражувачка организација.