1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Тачи: Нема размена на територии, ниту „Голема Албанија“

АТ/ миа19 јуни 2013

Нема да има размена на територии меѓу Косово и Србија, а нема да има ниту „Голема Албанија“, изјави косовскиот премиер за весникот „Ди Пресе“. Според него спроведувањето на српско-косовскиот Договор нема алтернатива.

https://p.dw.com/p/18sgw
Фотографија: Reuters

Косовскиот премиер ХашимТачи во интервју за весникот „Ди Пресе“ истакна дека средбите со неговиот српски колега Ивица Дачиќ биле фокусирани на стабилноста, мирот и создавање добрососедство меѓу двете земји.

„Договорот постигнат за нормализирање на односите меѓу Косово и Србија следува по стогодишен конфликт. Косово и Србија го оставија зад себе минатото и сега создадоа агенда која е во служба на иднината, не само на двете земји, туку и на целиот регион“, изјавува Тачи во интервјуто.

Според него, Договорот е исто така во интерес на Србите кои живеат во северот на Косово, каде состојбата „сега почнала да се враќа во нормала“.

Зборувајќи натаму за договорот, Тачи вели дека „од страна на Србија се манифестира тенденција на забавување на процесот“, но потенцира дека имплементацијата на Договорот нема алтернатива, бидејќи во спротивно ни Косово, ни Србија ќе немаат европска иднина.

„Договорот од 19 април не е крај туку почеток на еден долг процес. На ред е решавање на други прашања, додека во октомври ќе биде се‘ подготвено за слободни локални избори на северот“, потенцира Тачи.

Осврнувајќи се на состојбата со Албанците во јужниот дел на Србија, Тачи оценува дека Косово работи на отворање на границите, а не нивно затворање.

Прашан за најавите од Тирана за создавање „Голема Албанија“, Тачи оценува дека албанскиот премиер Сали Бериша бил „погрешно разбран“, бидејќи тој мислел на „создавање услови во регионот каде луѓето ќе може да живеат без ограничувања, но и каде ќе се почитуваат државните граници“.

„Само како држава, ние можеме да станеме дел од ЕУ“, заклучува Тачи во интервјуто за „Ди Пресе“.