Талибанците одговорни за нападот во Кабул
21 ноември 2012Талибанците во електронска пошта испратена до новинарите ја презедоа одговорноста за денешниот самоубиствен напад во Кабул, при што загинаа четири лица, a петмина се повредени.
Двајца мажи активираа експлозив што го имале на себе во близина на американската база Кемп Егарс во Кабул. Во инцидентот загинаа двајца членови на обезбедувањето и двајцата напаѓачи, а петмина цивили се повредени.
Напаѓачите пешки се движеле и биле забележани од авганистанските безбедносни сили кога се доближиле до Кемп Егарс. Полицијата отворила оган врз напаѓачите, а тие го активирале експлозивот.
Нападот се случи во дипломатскиот кварт Вазир Акбар Хан околу осум часот по локално време, во близина на амбасадата на САД. Во квартот живеат високи авганистански претставници, има претставништва на меѓународни организации и на меѓународната воена коалиција.
Нападот е извршен откако странските и авганистанските сили ги зајакнаа безбедносните мерки во Кабул поради празникот Ашура, што се одбележува в сабота од шиитите. Минатата година за време на празникот бомбаш-самоубиец активира бомба меѓу верниците во шиитски храм, при што загинаа 56 луѓе, а над 160 беа повредени.