Талибанците како партнер
11 септември 2012Дека конфликтот во Авганистан може да се реши единствено со воени средства не верува веќе ниту американската влада. „Политичкиот дијалог е најсигурниот пат за траен мир и стабилност“, вели портпарол на американското министерство за надворешни работи. Веќе две години владата во Вашингтон прави напори во преговорите со талибанците, но во март талибанците ги прекинаа разговорите, затоа што сметаа дека од нивна страна бараното ослободување на петмина нивни високи претставници од затворот Гвантанамо не оди доволно брзо.
Нишката на разговори се‘ уште не е скината, но нанадвор ретко излегува дел од она што е предмет на неформалните разговори. Претставниците на американската влада понекогаш на печатот му проследуваат информација за нов предлог за ослободување затвореници, а понекогаш талибанците известуваат дека преговарачки тим отпатувал во Катар за да го договори дневниот ред за нови разговори.
Прифатливи предуслови?
Барањата на двете страни веќе подолго време се јасни. САД бараат талибанците да запрат со борби, да го почитуваат авганистанскиот устав и да ги прекинат врските со терористичката мрежа Ал Каеда. Талибанците бараат повлекување на сите странски трупи, ослободување на затворениците кои им се приврзаници и признавање на нивното движење.
Сите овие услови, во принцип, се прифатливи ако се интерпретираат слободно, смета Ричард Барет, раководител на групата за набљудување на Ал Каеда и талибанците при ОН. Тоа што САД по повлекувањето на меѓународните заштитни сили ИСАФ во 2014 година ќе остават некои трупи во Авганистан, не би требало да е пречка. „Прагматичниот дел од талибанците смета дека меѓународното присуство би било еден вид гаранција на договорите и притоа би им помогнало навистина да станат дел од владата“, вели Барет. Може да се замисли и признавање на уставот од страна на талибанците, но само во случај ако тоа не значи и признавање на, од нивна страна, омразената влада на претседателот Хамид Карзаи, туку кога за нов устав би преговарале сите партии.
Поделените талибанци
Големо прашање е дали талибанското раководство воопшто може во сопствените редови да го спроведе договореното со САД. Делови од талибанците отфрлаат преговори, други во преговорите гледаат само тактика. Дека за прагматичните талибанци може да биде и опасно, покажува примерот на Ага Јан Мотасим. Откако поранешниот министер за финансии во талибанската влада се изјасни за политичко решение и против Ал Каеда, пред две години беше погоден од куршум во пакистанскиот град Карачи и преживеа благодарение на чудо.
Мула Омар се‘ уште важи за водач на талибанците. Никој не може да каже каква тежина има неговиот збор при носењето спорни одлуки. „Сите се загрижени дека борбите ќе продолжат дури и ако Мула Омар утре реши да се положи оружјето“, нагласува Кендеси Рондо од Меѓународната кризна група.
Нерешено прашање
Пред воопшто да може да се преговара мора да се разјасни прашањето на затворениците. Талибанците недвосмислено ставија до знаење дека не се подготвени на натамошни преговори се‘ додека петтемина затвореници во Гвантанамо не бидат заменети за еден американски војник, кој е во нивни раце од 2009 година. Од американското министерство за надворешни работи се вели дека „САД одлучија да ги предадат затворениците од Гвантанамо“. За тековните разговори и одделните затвореници владата не се изјаснува. Набљудувачите оценуваат дека се‘ уште нема единствен став по ова прашање. Несогласувања наводно има особено на релација Бела куќа - Министерство за одбрана. Освен тоа, американскиот претседател Барак Обама е среде кампања за претседателските избори во ноември. Кендеси Рондо смета дека е исклучено петтемина талибанци, меѓу кои е и поранешниот вице-министер за одбрана во времето на талибанскиот режим, кои се осомничени дека се одговорни за смртта на илјадници шиити, да бидат ослободени пред изборите во ноември. „Ниту еден претседател не би се изложил на ваква јавна дискусија“, вели тој.