Талибанците закана и за Пакистан
18 февруари 2009Ваквиот развој на настаните стана реална опција откако пакистанските власти во северо-западниот регион на земјата пред два дена склучија мир со радикалните исламисти и при тоа направија крупна отстапка: од сега во овој регион, што се гранични со Авганистан, на место световниот закон ќе важи исламското право, шаријата.
Талибанците и нивните сојузници организираа вистинско славје по улиците на долината Сват, еден вид триумфален поход. Тие имаат и причина за толкаво славење, бидејќи по повеќемесечните борби со пакистанската армија успеаја да протуркаат едно од клучните барања: во регионот да се суди според традиционалното исламско право. Експертката за Пакистан, Југун Мохсин, оценува: „Во тој потег гледам симболичен пораз на државата, таа не успеа да ја задржи ситуацијата под контрола.“
Долготрајни борби со пакистанската армија
Талибанците почнаа оружен судир во регионот кон крајот на 2007 година. Така прекрасната долина Сват, која многумина ја нарекуваат Швајцарија на Пакистан, беше претворена во воено жариште со илјадници бегалци. Писателот Џејмс Фергусон, кој живее во тој регион вели: „За тие кои живеат таму, тоа прво значи мир. Зад нас се две години војна со преку илјада цивилни жртви. Се чини дека пакистанската влада сакаше да склучи мир по секоја цена.“
Клучната отстапка за Талибанците е воведувањето на шаријата на местото на демократскиот правосуден систем по западен терк. Од сега на секој судија му е оставено да одлучи дали ќе има камшикувања и каменувања, кои ги предвидува исламското право. Во секој случај, Западот има сериозна причина за вознемиреност: „Тоа е јасен сигнал за подмолно исламизирање на целиот регион. САД и Велика Британија сега се разбудија и увидоа дека овде немаат само проблем со Авганистан, туку дека станува збор за регионален проблем, што го вклучува и Пакистан. Така од неодамна почна да се зборува за авганистанско-пакистански проблем,“ вели Фергусон.
Пакистан е слабата алка во системот
На НАТО веќе подолго време му е јасно дека повеќето радикални исламисти, кои се вклучуваат во борбите како атентатори самоубијци, се обучуваат во Пакистан и потоа доаѓаат во Авганистан. Затоа сите спогодби за мир меѓу пакистанската армија и радикалните Талибанци во северо-западниот регион на Пакистан Западот ги набљудува со загриженост: „Имаше веќе многу вакви спогодби и тие не донесоа ништо добро, не гледам зошто овој би бил исклучок“ - вели експертката Мохсин.
Талибанците секогаш ги користеа примирјата за обновување на воениот потенцијал. А дека се бескомпромисни и свирепи покажаа последните месеци, во кои на заложници и противници им сечеа глави, уништија продавници за музика и филмови, разурнаа училишни зданија, особено оние наменети за женскиот дел од популацијата во Пакистан.