1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Тактичарот Путин

Лоај Мудхун/превод: Ж.А.22 март 2016

Делумното повлекување на руската војска од Сирија е јасен сигнал кон сирискиот властодржец Асад, за тој конечно сериозно да започне преговори со опозицијата, смета Лоај Мудхун.

https://p.dw.com/p/1IH3D
Фотографија: Reuters/M. Klimentyev/RIA Novosti/Kremlin

Нема збор, со својата неочекувана одлука за повлекување на главнината од руските трупи од Сирија, рускиот претседател Владимир Путин подеднакво ги изненади и пријателите и непријателите.

Во арапскиот простор речиси сите противници на Асад го поздравија овој чекор, првенствено Катар и Саудиска Арабија, главните поддржувачи на умерените опозициски сили во Сирија. Двете земји се надеваат на позитивен поттик во преговорите околу Сирија.

Но, на страната на режимот на Башар ал-Асад, напротив, радоста околу делумното руско повлекување се чини воздржана. Арапските медиуми во последно време повеќепати известуваа за големите разлики во ставовите меѓу Путин и Асад, кратко пред шефот на Кремљ да ги објави плановите за повлекување.

Mudhoon Loay Kommentarbild App
Лоај Мудхун

Расчекорот меѓу Асад и неговата заштитничка Русија околу целите на руската интервенција веќе се насетуваше непосредно по стапувањето во сила на примирјето: сирискиот властодржец во интервјуата во меѓународниот печат нескриено ги објавуваше своите намери да ја поврати контролата над целата земја. Некои руски дипломати се почувствуваа повикани да му покажат кај му е местото, и да му укажат на нужноста од политичко решение на конфликтот.

Во секој случај, преку овој испад стана јасно - руските интереси не се поклопуваат целосно со оние на диктаторот. Путин навистина сакаше да го спаси од пропаст режимот на Асад, притиснат од бунтовниците и да ги ослаби умерените бунтовници. Патем, борбата против т.н. Исламска држава во размислувањата на Путин притоа не играше голема улога.

Но, Путин во никој случај не сакаше на својот вазал во Дамаск да му помогне во извојувањето воена победа. Зашто, на тој начин руската армија би била вовлечена во брутална и скапа војна против мнозинскиот сунитски народ во Сирија. Втор Авганистан би значел масивна економска и политичка штета за руските интереси.

Русија постигна една цел

Во меѓувреме Путин во главно ги постигна своите цели: режимот на Асад можеше да биде стабилизиран со сопомош на либански Хезболах и различните шиитски милиции. Можеше да биде обновена стратешки важната воена база во Тартус, кон тоа дојде дури и уште една база. Освен тоа, промена на режимот по примерот на интервенцијата на НАТО во Либија веќе не е можна. Така Русија се потврди како пионер на еден нов авторитаризам, кој очигледно нишани на задушување и дестабилизирање на демократијата.

Уште поважно: Русија, поранешната светска сила која донеодамна американските политичари ја омаловажуваа како „регионална сила“, преку крвавиот ангажман, на неделотворниот во сирискиот конфликт Запад можеше да му го прикаже своето враќање на светската политичка бина. Политичко решение за комплексната посредничка војна во Сирија, спротивно на интересите на Москва, е речиси незамисливо.

Затоа, руското повлекување на трупите треба да се сфати како сигнал до Асад. Тој, според желбата на Путин, треба конечно сериозно да преговара со опозицијата за да го задржи остатокот од државата и пред се‘ територијалниот интегритет на Сирија. Иако, се чини Асад во моментов не размислува вистински за поделба на власта.

Со оглед на тоа што само една заедничка преодна влада без Асад може да го отвори патот за политичко решение, надежите на Западот за крај на убиствената војна во Сирија се полагаат токму во Путин. Но, за таа цел Путин мора да биде подготвен да дозволи пад на Асад.