1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Тадиќ: Србија сака најблиски односи со БиХ

6 јули 2011

Претседателот на Србија Борис Тадиќ кој, според многумина, престојува во историска посета на Босна и Херцеговина, во Сараево истакна дека двете земји треба да имаат пријателски односи со највисок квалитет.

https://p.dw.com/p/11qBn
Српскиот претседател Борис Тадиќ (лево) во СараевоФотографија: picture alliance/dpa

Претседателот на Србија, Борис Тадиќ во Сараево најнапред имаше средба со членовите на Претседателството на Босна и Херцеговина, Небојша Радмановиќ, Бакир Изетбеговиќ и Жељко Комшиќ. По оваа средба тој пред новинарите изјави дека „Србија и БиХ се природно поврзани земји и народи“, но постојат бројни нерешени билатерални прашања кои треба што побргу да се решат за да се забрза заедничкиот пат кон Европската Унија.

Србија нема право да се меша во внатрешните работи на БиХ

Тадиќ нагласи дека Србија сака најблиски пријателски односи со Босна и Херцеговина и оти е подготвена на решавање на нерешените прашања.
Српскиот претседател истакна дека поддршката на Србија за интегритетот на БиХ не е само декларативна, туку се манифестира и во политичката пракса.

Bosnien Serbien Radmanovic Tadic Sarajewo
Тадиќ во БиХ дочекан со воени почестиФотографија: picture alliance/dpa

„Србија е гарант на Дејтонскиот договор, но не полага право на мешање во внатрешните работи на БиХ“, рече Тадиќ.

Според него, Србија ќе прифати се‘ она што ќе се договорат трите конститутивни народи и двата ентитета во БиХ.

„Србија ќе ги прифати сите консеквенци од демократскиот дијалог во БиХ и секое решение кое ќе го постигнат трите народи и два ентитета. Србија нема да се меша во тие решенија и нема да ја премине црвената линија која е одредена со меѓународно право, Дејтонскиот договор и добрососедските односи“, нагласи српскиот претседател.

Поттикнување на спортските таленти

На разговорите со членовите на претседателството на БиХ, како што нагласи Тадиќ, меѓу другото се разговарало и за економската соработка, но и за заедничкиот настап кон трети пазари. Исто така било заклучено дека е потребно да се поттикнуваат и спортските таленти кои во позитивно светло го претставуваат регионот на Балканот во целиот свет.

На агендата на посетата на Тадиќ на Сараево се и средбите со претседавачот на Советот на министри на БиХ, Никола Шпириќ, со членовите на Колегиумот на двата дома на Парламентарното собрание на БиХ, како и со генералниот секретар на Регионалниот совет за соработка Хидо Бишевац.

Автор:СН/ЕМФ/бета/миа

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема