Тага и плач во Поточари
11 јули 2015Меморијалниот центар во Поточари веќе од седум часот изутринава е преполн со луѓе. Тагата е сеприсутна, а најтешко им е на оние кои денеска ги закопуваат коските на своите најмили.
Фахрета го загубила синот Хусо Мустафиќ. Лицето и‘ трепери. Не може да зборува, плаче. Собира сила и вели дека синот Хусо имал 20 години кога го убиле. Неговите посмртни останки се пронајдени во масовната гробница Каменица. Апатично додава: „Го загубив и сопругот. Загубив се‘.“ Роднината, кој е покрај нејзе, додава: „Таа загуби се‘, па и многу памет. Кој не би загубил?!“
Муамер Сиручиќ од селото Вољевица го закопува таткото Сафет. Коските му се пронајдени по 20 години и тоа во две масовни гробници. На Муамер во геноцидот му се убиени над 30 членови од потесното и поширокото семејство. Сега живее во Ричмонд, Вирџинија и со сопругата, мајка му и братот Мирнес дошол на погребот. „Сето ова е ужасно, жално, потресно. Секоја година гледаме иста слика.“
Во непрегледната низа табути наеднаш се случа плач, крик на очај и тага. Млада жена има прегрнато еден од 136-те вчера пристигнати табути, во кој се посмртните останки на нејзиниот татко. „Мој татко е Нусрет Чикариќ, кого денеска го закопуваме, а исчезна по падот на Сребреница. Имав и брат кого никогаш не го најдоа“, вели низ плач Елвира Чикариќ.
Посебна тага во семејството Механовиќ. По 20 години ќе ги закопаат коските на претставниците на три генерации - на дедото Атиф (64), неговиот син Рамиз (47) и 17-годишниот внук Сифет.
Вучиќ во Поточари
Реките луѓе постојано се слеваат во Поточари, каде се одбележува 20-годишнината од геноцидот. На меморијалниот собир, комеморацијата и погребот на 136-те идентификувани жртви, присуствуваат и голем број државници, меѓу кои и српскиот премиер Александар Вучиќ. Мајките од Сребреница на Вучиќ ми посакаа добредојде, а една од нив на реверот му закачи Сребренички цвет. Српскиот премиер се запиша во книгата на жалоста. Босанските медиуми ја пренесуваат пораката на Вучиќ непосредно пред доаѓањето во Сребреница, во која тој укажа дека Србија јасно и недвосмилено ги осудува ужасните злосторства, дека неговата рака за помирување останува испружена без какви било политики и оти српската Влада сака заеднички живот со Бошњаците.
Злосторството во Сребреница, според првиот човек на Судот за воени злосторства на ОН, Теодор Мерон, е „злосторство против човештвото“. Градоначалникот на Сребреница Ќамил Дураковиќ рече: „Повеќето од моите тогашни школски дргуари и со тоа и моето детство лежат закопани во Меморијалниот центар Сребреница.“
Германскиот претседател Јоахим Гаук масакрот од Сребреница го нарече „симбол на потфрлањето на заедницата на народите“. Во писмо до градоначалникот на Сребреница, Гаук вчера оцени дека меѓународната заедница не ја заштитила Сребреница, иако таа важела за заштитна зона на ОН.
Главниот обвинител на Хашкиот трибунал Серж Брамерц изјави дека геноцидот во Сребреница бил резултат на намерно смислен план на највисоко ниво. Брамерц во обраќањето во Поточари наведе дека тоа се факти кои повеќе пати биле докажани и додаде дека негирањето на геноцидот претставува искривено прикажување на фактите и навреда за жртвите. Тој нагласи дека за злосторствата во Сребреница Трибуналот води постапки против 20 лица, а Радован Караџиќ и Ратко Младиќ се наоѓаат во тој суд, каде им се суди за стореното.