Тага во Израел, страв во Палестина
1 јули 2014Нафтали Франкел, 17; Гилад Шар, 16; и Ејал Јифраш, 19; исчезнаа од местото за автостоп во Гуш Ецион откако го напуштиле верското училиште на 12 јуни, по што беше започната масовна потрага. Израелските безбедносни сили започнаа операција која опфаќаше широк радиус околу местото каде биле видени за последен пат, градот Хеброн, израелската доселеничка населба и палестинскиот град Халхул. Беа претресени повеќе од 2.100 згради во сопственост на Палестинци, а 566 Палестинци беа уапсени, најчесто без никакво обвинение и масовно. Во понеделникот, две од телата беа откриени во едно поле покриени со камења, а малку подоцна беше пронајдено и третото тело. Армиски портпарол соопшти дека сите индиции говорат во прилог на тоа дека се работи за телата на исчезнатите тинејџери.
Палестинците стравуваат од одмазда
Израелскиот совет за безбедност синоќа одржа итна седница. Не беа донесени никакви одлуки, но состанокот ќе продолжи денеска. Израел и натаму го обвинува Хамас за убиствата, но досега не понуди никакви докази. Палестинците на Западниот брег стравуваат од поширока воена акција од страна на Израел. Жителите на Хеброн веќе се подготвуваат за најлошото, градот кој е е најблиску до местото каде што беа пронајдени телата. Се евакуираат и автомобилите од улиците, а најголемиот дел од жителите седат во своите домови. Синоќа, израелските безбедносни сили ги уништија домовите на Марван Кавасмех и Амер Абу Аиша, двајца жители на Хеброн, кои Израел ги смета за осомничени во убиствата. Праксата на Израел да презема вакви казнени акции беше прекината во 2005 година.
Доселениците тагуваат
Во населбата Ноф Ајалон, пријателите, семејството и соседите на 17-годишниот Нафтали Франкел се собраа во сала во близина на кошаркарското игралиште каде момчето често играше со своите другари. Се работи за мала населба од околу 400 доселеници. Сите се познаваат меѓусебе. „Се надевав дека ќе го пронајдат жив, но знаев дека е убиен“, вели соученик на Франкел. И покрај убиствата, тој вели дека и натаму ќе стопира автомобили на клучката. „Се плашиме малку, но нормално е да се стопира. Не е опасно, тоа е начин на живот. Немаме директна автобуска линија тука“, вели тој. Во блиската населба Ел Ад, млади ортодоксни Евреи се собраа на протести по објавувањето на веста за пронајдените тела. Полициската ограда ги спречи да излезат на автопатот. Доселениците потврдија дека во текот на ноќта ги посетил израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху. „Сите се лути“, вели младиот Ноа, но негира дека планираниот да преземат одмазднички напади врз Палестинците.
Нетанјаху и натаму го обвинува Хамас за смртта на тројцата млади доселеници. „Хамас е одговорен и Хамас ќе плати“, изјави Нетанјаху по откривањето на телата. „Децата беа киднапирани и убиени ладнокрвно од диви животни“.
Палестинскиот претседател Махмуд Абас свика итна седница, а подоцна ги контактираше ЕУ и САД барајќи поддршка против евентуални израелски напади. Хамас негира дека има било каква врска со смртта на тинејџерите. Во текот на ноќта израелската авијација нападна 34 цели во Газа, а ракети експлодираа и во јужен Израел.