1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

СЈО верува дека Иванов ќе ги повлече сите аболиции

Е.М. Фиданоска3 јуни 2016

Специјалното јавно обвинителство е уверено дека македонскиот претседател Ѓорге Иванов ќе ги повлече и преостанатите аболиции, изјави денеска на прес-конференција обвинителката Ленче Ристоска.

https://p.dw.com/p/1Izri
Фотографија: MIA

На списокот на аболирани имаше осомничени лица, лица во својство на сведоци и лица кои до тој момент не беа ниту во својство на осомничени, ниту на сведоци, информираше денеска обвинителката Ленче Ристоска, додавајќи дека досега не се повлечени аболициите за 5 лица од предметот „Титаник“, за три лица од предметот „Тврдина“, за шест лица од предметот „Тортура“ и за две лица од предметот „ТНТ“. Во предметот „Пуч“ не се поднесени решенија за повлекување на аболицијата за две лица. Според Ристоска, „делумните аболиции го отежнуваат спроведувањето на правото, затоа што има селективен пристап“. Таа нагласи дека СЈО не ги прекинува ниту истражните ниту предистражните постапки.

СЈО води седум истражни постапки во кои се опфатени 60 лица, додека бројот на предистражните постапки постојано расте. „Предистражните постапки се тајни, па јавноста се надеваме разбира дека не можеме да споделиме повеќе информации. Тие се во голем дел фокусирани на финансиски истраги, кои бараат многу време за собирање доказен материјал“, рече денеска Ристоска, додавајќи дека „криминалот не е активност што се исплати“, така што лицата кои се занимаваат со криминал, „ќе сносат не само кривична одговорност, туку и материјална“.

СЈО доследно го почитува начелото на транспарентност и на пресумпција на невиност, подвлече Ристоска. Таа околу случајот Коста Крпач рече дека не се даваат информации од нивна страна, затоа што за смртта на Крпач „се води предистражна постапка пред Основното јавно обвинителство Скопје и до нив се доставени сите податоци кои ние ги имаме. Веруваме дека тоа обвинителство постапува темелно и детално и со особена посветеност заради сензитивноста на целата ситуација“.

Lence Ristoska Sonderstaatsanwältin Mazedonien
Ленче РистоскаФотографија: Vanco Dzambaski

Во врска со ангажманот на експерти од страна на СЈО, обвинителката на прес-конференцијата информираше дека тие се ангажирани согласно законот и врз основа на правилник кој ги одредува критериумите за нивен ангжаман.

Одговарајќи на новинарско прашање околи висината на личните примања на обвинителите, Ристоска рече дека „сите плати и додатоци не ги надминуваат законските граници“. „Вработените во СЈО примаат и дополнителни надоместоци, кои се во рамки на законските прописи и со поднесени уредни годишни даночни пријави“, рече таа.

Обвинителката денеска информираше дека СЈО е соочено со огромен обем прислушувани материјали и дека, според статистичките анализи, „ако секој од прислушуваните материјали трае само по 90 секунди, тогаш на 11 обвинители кои би слушале по 3 часа дневно, би им биле неопходни година и половина само на преслушаат што сѐ има на снимките“. Што се однесува до личната безбедност на обвинителите, Ристоска оцени дека тие „начелно се чувствуваат сигурно“, но дека ако околностите се променат „ќе бидат ангажирани и други ресурси за обезбедување“.