Германија: Десни екстремисти во специјалните единици
28 јануари 2020Против 550 војници на Бундесверот се води истрага поради сомнение за десен екстремизам, само лани се регистрирани 360 нови случаи - ова се бројки кои деновиве ги наведе шефот на Воената контраразузнавачка служба, Кристоф Грам и кои ја шокираа политиката и јавноста. Отежнувачки е уште повеќе што расте бројот на осомничени за десен екстремизам во редовите на елитната единица, КСК, каде бројката е дури петпати повисока отколку во регуларната војска.
Алармирачки сигнал
Бројките се добредојдена „муниција“ за опозицијата во Бундестагот. Левицата зборува за препознавање „десноекстремни мрежи во Бундесверот“ и „култура на гледање настрана и минимизирање во Бундесверот.“ За Зелените е јасна потребата откриените војници побрзо од досега да мора да бидат отстранувани од војската. Пратеникот на Зелените во Комисијата за одбрана во Бундестагот, Тобијас Линднер за Дојче веле изјави: „Размерот на проблемите покажува дека е неопходно преземање посистематски мерки против десниот екстремизам во Бундесверот.“ Освен тоа, дополнува тој, неопходно е давање повисока вредност на политичкото образование во војничката обука.
Министерството за одбрана смирува
Арне Колац, портпарол на Министерството за одбрана, изјави дека „за екстремизмот не постои никаква толеранција во нашите редови“. Зголемените бројки тој ги објаснува и со новата сензибилност кај Бундесверот и Воената контраразузнавачка служба: „Присутен е поголем број информации од војската“, вели тој, а воените разузнавачи стручно им приоѓаат на случаите.
Факт е навистина дека поранешната министерка за одбрана Урсула фон дер Лајен во основа ја промени „културата“ во Бундесверот и пред сѐ во Воената контраразузнавачка служба (МАД) кога во јавноста се појавија првите случаи на осомничени војници. Оттогаш во врвот на тајната служба има повеќе цивили, а помалку воени лица, што е во надлежност на Министерството за одбрана. Додека порано меѓу пратениците во парламентот курсираше тврдење дека униформираните лица во Воената контрарзузнавачка служба имаат преголемо разбирање за десноекстремните војници, сега повеќемина политичари препознаваат присуство на нов дух на консеквентност и јавност.
Промена во Воената контраразузнавачка служба?
Кристоф Грам точно пет години е на чело на МАД, тој е висок функционер, правник и цивил. Негов заменик е Буркарт Евен, кој порано работеше во Службата за заштита на уставот. Под водство на Грам, МАД прерасна во служба која има можност да дава годишен извештај, кој првпат се поднесува оваа година. Досега информациите за работата на Воената контраразузнавачка служба им беа достапни само на мал број стручни политичари во Бундестагот, кои не смееја да ги изнесуваат во јавноста.
Но, Каролине Валтер се сомнева во вистинската отвореност на Бундесверот и МАД. Валтер, коавтор на книгата „Екстремна безбедност“, која се занимава со темата десен екстремизам во Бундесверот и полицијата и заштитата на уставноста, за Дојче веле изјави: „Проблемот во Бундесверот е што оној кој ќе поднесе пријава против некој десен екстремист, се смета за недругар и прекршувач против наводниот дух на колективот.“ Валтер затоа верува дека сега изнесените бројки се само „врв на ледениот брег“. МАД мора натамошно да се професионализира за да дојде до откривање на посуптилните „нови десничари“ меѓу војниците. „Нивното разоткривање е многу потешко, зашто тие сега не употребуваат јавно деснорадикални изрази и не постираат фотографии на Хитлер во групите на социјалните мрежи“, предупредува Валтер.