1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сушиќ: Да не беше автоголот...

ЕМФ/дпа/сид16 јуни 2014

За двајца „бундеслигаши“ во репрезентацијата на БиХ, дебито на СП во Бразил заврши со хаотични емоции. Ибишевиќ го постигна првиот гол за својот национален тим, а Колашинац даде автогол и за него речиси и немаше утеха.

https://p.dw.com/p/1CJ79
Фотографија: Getty Images

Во фудбалскиот храм „Маракана“ Сеад Колашинац и Ведад Ибишевиќ дадоа гол за паметење - едниот за, другиот против својот тим. Двајцата влегоа во статистиката на првото светско првенство каде учествува нивната земја, но само Ибишевиќ има причина за радост. „Тоа беше гол на натпревар кој го загубивме, но за мене лично и за Босна беше нешто посебно, зашто тоа беше првиот гол на едно СП за нашата земја воопшто“, изјави напаѓачот гордо по завршувањето на мечот против Аргентина, на кој БиХ беше поразена од 1:2.

Колегата на Ибишевиќ, Сеад Колашинац, веќе по 128 секунди од почетокот на натпреварот даде автогол. Понесреќен почеток 20-годишниот Колашинац не можеше да си замисли. Тој без збор замина во соблекувалната и не ја напушти се‘ додека не си заминаа сите новинари од Маракана. Сепак, никој не „пука“ по одбранбениот играч. „Момчето не може да биде обвинето“, изјави Сеад Салиховиќ.

Иако БиХ ја напушти „Маракана“ како губитник, надежите не се загубени. „Во кабината расположението беше добро. Знаеме против кого игравме денеска и не сметавме сигурно на победа“, оцени Ибишевиќ.

Сепак, селекторот Сафет Сушиќ во својата анализа на натпреварот постојано се навраќаше на автоголот: „Да не беше автоголот, можеби ќе игравме поинаку“, оцени тој.

Босна и Херцеговина веќе го има насочено погледот кон натпреварите против Нигерија и Иран. „На моите играчи им реков дека ова не е клучниот натпревар. Нашите противници за второ место се Нигерија и Иран“, изјави селекторот Сушиќ. Салиховиќ е уште поголем оптимист и намигнувајќи вели: „Можеби повторно ќе играме овде во финалето!“