Супербоул - повеќе од финале
2 февруари 2014Кога денеска навечер, во 18.30 часот по локално време, во Њу Џерси ќе се огласи првиот свиреж за почеток на Супер Боул, освен 82.500 гледачи на стадионот, мечот ќе го следат и повеќе од 100 милиони Американци и околу една милијарда обожаватели на овој спорт ширум светот. Супер Боул-от, односно финалето во американската НФЛ, секоја година го следат сѐ повеќе гледачи. Што се однесува до интересот на светските медиуми, не е претерување ако се каже дека покрај финалето на Светското првенство во фудбал и Летните олимписки игри, тоа е еден од најголемите и најважните спортски настани во светот.
Големиот интерес е забележлив и во количеството пари кои се вртат. Само 30 секунди реклама во текот на преносот на годинашниот меч чини четири милиони долари. Но, дури и да ги имате тие пари, сите термини се одамна распродадени.
„Старец“ против „младич“
Годинава, сето внимание ќе биде свртено кон дуелот на двајцата извонредни организатори на играта (квортербекови) на двата тима. Пејтон Менинг, кој го предводи нападот на Денвер, зад себе веќе има една титула со тимот на Индијана и долгогодишно искуство. По тешката операција на вратот во 2011 година, тој речиси воопшто не играше и беше отпуштен од тимот. Денвер одлучи да ризикува со него, и сега инвестицијата му се исплати.
„Ова е мојата 16. сезона. Знам колку е тешко воопшто и да се дојде до финалето. Да се победи во Супербоул по вторпат, тоа навистина би било нешто посебно“, вели Менинг.
Негов противник е младиот Расел Вилсон. За овој 25-годишен плејмејкер на Сиетл, финалето е неверојатно достигнување во, само, втората професионална сезона. Минатата година тој беше прогласен за најдобар дебитант во лигата. Негова голема предност во играта е брзината. Во 32 одиграни натпревари тој самиот има „освоено“ преку 1.000 јарди. За споредба, Менинг во 240 одиграни мечеви има освоено само 700 јарди.
Голем настан
Речиси еднакво важно, како и самиот натпревар, е и официјалното пеење на американската национална химна пред почетокот на мечот, како и настапите на познатите музичари на полувремето. Химната овојпат ќе ја пее сопранистката Рене Флеминг. На полувремето, за расположението на публиката ќе се погрижат Бруно Марс и Ред Хот Чили Пеперс. Нивниот настап и дополнителното загревање - на публиката би можеле добро да и’ дојдат со оглед дека, според временската прогноза, температурата ќе биде максимум четири степени Целзиусови, а можно е да паѓа и снег.