1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Судот на ЕУ ги запре патарините во Германија

БГ
18 јуни 2019

Планот на германската влада да воведе патарини на патиштата е спротивен на анти-дискриминаторските закони на ЕУ, одлучи денеска судот на Унијата. Германија ќе мора да бара друг начин за наплата на патарини.

https://p.dw.com/p/3KcjT
Deutschland Symbolbild Autobahn
Фотографија: picture-alliance/dpa/M. Assanimoghaddam

Германскиот предлог-закон за патарини предвидуваше сите корисници на автопатиштата да плаќаат патарини, но германските жители да бидат компензирани преку поврат на данок.
Соседна Австрија, поддржана од Холандија, поднесе тужба против планот пред Европскиот суд на правдата, тврдејќи дека Германија ги прекршува правилата на Унијата и ги дискриминира другите жители на ЕУ.

„Одлуката е дискриминаторска затоа што економскиот товар на давачката паѓа, де факто, само на сопствениците и возачите на возила регистрирани во други земји-членки на ЕУ“, одлучи судот во Луксембург. Дополнително, Судот заклучи дека патарината ќе го прекрши клучниот принцип на ЕУ за слободно движење на стоки и слободата на давање услуги, со тоа што ќе се зголемат транспортните трошоци за странски понудувачи и ќе се намали нивната конкурентност.

Судиите го отфрлија аргументот на Германија дека всушност само се менува системот од финансирање преку даноци во плаќање на корисниците и загадувачи. Германија не даде доволно аргументи за да ја оправда таквата одлука, одлучија судиите.

Според планот, странските и домашните возачи во земјата ќе мораа годишно да плаќаат 130 евра за користење на автопатите, но беа предвидени и вињети за покуси периоди, од 10 дена и два месеци со помала цена.

Германија ќе мора „без одложување“ да ја примени одлуката на Судот, се вели во пресудата.