1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Судир за иднината на ОБСЕ

30 ноември 2007

ЕУ и САД се судрија со Русија околу иднината на ОБСЕ. На годишната конференција во Мадрид двете страни не ги приближија ставовите. На конференцијата учествува и шефот на македонска дипломатија Антонио Милошовски

https://p.dw.com/p/CUzM
Учесниците на конференцијата во МадридФотографија: AP

ЕУ и САД вчера се судрија со Русија околу иднината на ОБСЕ. Западот ја обвини Москва дека презела серија рестриктивни мерки и бирократски пречки кои би го направиле невозможен процесот на набљудување на изборите за Думата. На ова посебно предупреди претседателот на советот на ЕУ и министер за надворешни работи на Португалија, Луиз Амадо.

Рускиот претседател Владимир Путин пак од своја страна ги обвини САД дека ја ставиле под притисок канцеларијата на ОБСЕ да донесе одлука за неиспраќање на набљудувачи на изборите во недела. Шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров предупреди дека САД и западноевропските земји сакаат да го искористат ОБСЕ како средство за исполнување на нивните интереси. Затоа според него постои опасност од нова поделба на Европа. „ Доколку оваа опасност не се сватисериозно постои опасност за целокупната архитектура на европската безбедност„ предупреди Лавров„ Американскиот заменик државен секретар Николас Барнс тврдењата на Путин ги означи како лажни и неосновани.

САД и останатите земји членки на ОБСЕ ја повикаа Москва да ја повлече одлуката за напуштање на договорот за ограничување на конвенционалното вооружување во Европа. Овој договор е главен столб на безбедноста на Европа, предупреди Барнс. Рускиот министер Лавров изјави дека Москва одамна предупредувала дека на овој начин не може да се движат работите но никој не ја слушал. Сепак Русија е отворена за дијалог

„ Постојат промени и компликации на меѓународната сцена кои може да не рефокусираат на овој состанок. Посебно важната дебата помеѓу САД и Русија околу безбедносните прашања како антиракетниот систем. Ова станува многу поважно доколку се одрази врз ОБСЕ, со оглед и на изјавата на Москва дека ќе го суспендира нејзиното учество во организацијата„изјави Хозе Понс директорот за Европа и Северна Америка во шпанското министерство за надворешни работи

ЕУ и САД во Мадрид повикаа на продолжување на мисијата на ОБСЕ на Косово, чиј мандат истекува на крајот на годината. Барнс изјави дека ОБСЕ треба да остане во покраината без разлика на натамошниот развој на настаните во врска со статусот.

Министерот за надворешни работи на Македонија, Антонио Милошовски на маргините на конференцијата изрази оптимизам во однос на поканата за членство на земјата во НАТО на самитот во Букурешт. Во однос на Косово, тој смета дека е дојдено време за што поскоро затворање на ова прашање. Финалниот статус на Косово според Милошовски е многу подобро решение од неодржливата ситуација на статус кво.

Инаку конференцијата во Мадрид го означува и крајот на шпанското претседателство со ОБСЕ. Следната година тоа го презема Финска. Министрите за надворешни работи на земјите од ОБСЕ на крајот од дводневната средба во Мадрид ќе преговараат околу усвојување на заедничко комунике. Во претходните години, конференциите на ОБСЕ завршуваа без завршна изјава, пред се поради неединството.Инаку во организацијата членуваат 56 земји од Европа, Северна Америка и Средна Азија.