1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Студенти ги расчистуваат поплавените места

Александра Маринковиќ / Симе Недевски25 мај 2014

Околу 2000 студенти од Универзитетот во Бања Лука се вклучија во акцијата за расчистување по поплавите. Студентскиот кризен штаб ги распоредува младите волонтери на разни локации, како Шамац, Добој, Модрича, Бања Лука.

https://p.dw.com/p/1C6Wg
Фотографија: DW/A. Marinkovic

„Во големата несреќа која не‘ зафати, преубаво е да се види оваа младина како ни помага“, вели мештанин на селото Писари кај Шамац. Околу 250 студенти од бањалучкиот универзитет со пет автобуси пристигнаа викендов во општина Шамац, која претрпе огромни штети во поплавите. Пред поаѓањето сите добија гумени чизми, лопати, заштитни маски и ракавици.

„Претходните денови бев во Добој, Модрича и Бања Лука, а редот дојде и на ова подрачје. Се работи буквално сѐ, работа има многу“, вели Ивица Медовиќ, дваесетгодишен студент на Машинскиот факултет. Тој вели дека му е многу полесно да работи на улица или во јавните установи, каде нема контакт со населението, бидејќи е болно да се гледаат луѓето на кои во куќите не им останало буквално ништо.

„Еден човек не‘ замоли да му ја урнеме балконската врата, бидејќи немал влезено во куќата откако водата се повлекла. Му ги исфрливме сите работи. Тоа е страшно. Луѓето се изгубени, не знаат што да прават“, вели Ивица.

Samac Aufräumarbeiten
Фотографија: DW/A. Marinkovic

Голем број волонтери

Веднаш по формирањето на студентскиот кризен штаб, екипите започнаа да заминуваат во најзагрозените места. Идните академски граѓани покажаа голема солидарност и хуманост. „ Се случуваше во автобус кој има 50 места да има 70 студенти“, вели Младен Амовиќ, претседател на Студентскиот парламент на Универзитетот во Бања Лука.

На почетокот работите не се одвивале најлесно. Неколку пати службите за цивилна заштита или локалните кризни штабови потфрлиле, па се случувало волонтерите да стојат и по неколку часа и да чекаат да бидат распоредени на различни локации. „Се чекаше и на храна, многу колеги во првите денови остануваа гладни, со една конзерва цел ден. Немавме ниту опрема за работа“, истакнува Синиша Срѓиќ.

Помош пристигна од студенти од цела поранешна Југославија

На адресата на студентскиот кризен штаб секојдневно пристигнуваат пратки од колегите од бројни универзитети во регионот. „Сега сме целосно подготвени. Сите студенти кои сакаат да работат имаат опрема. Чизми, ракавици, лопати, храна и уште многу други нешта добивме од студентските организации од Мостар, Љубљана, Сплит, Подгорица. Пристигна и шлепер од колегите од Прага“, вели Амовиќ за ДВ.

Samac Aufräumarbeiten
Фотографија: DW/A. Marinkovic

Претставниците на студентите истакнуваат дека барем кај оваа популација, во моментов границите се избришани. Меѓу студентите волонтери има и девојки. Ирена Теофиловиќ, која доаѓа од Дервента, помага колку може. „Го расчистувам отпадот кој со денови стои пред куќите на луѓето. Сето тоа го товариме на трактори, а во меѓувреме помагаме и во други работи ако е потребно. Мијам работи, ги изнесувам од куќите, сѐ што ќе ми кажат“, објаснува Ирена.

Најтешко и‘ паѓаат плачот, лелекањето, зборовите на очај на локалното населени. Работата, вели, полесно се сработува, ама е неподносливо да се слушаат жртвите на несреќата. „Треба да му се помогне на овој народ, особено во селата. Драго ми е што дојдов во Шамац, бидејќи тука состојбата е навистина лоша. Луѓето имаат изгубено сѐ. Им ги изнесувам на отпад мебелот и техниката , а тие се благодарни и пресреќни што им помагаме“, вели Бојан Катаниќ, студент по историја.

Од утре(26.05) започнува наставата на факултетите во Бања Лука, така што студентските работни акции, барем во досегашната мерка, ќе бидат запрени.