1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Странците загрозени, но не помислуваат да го напуштат Авганистан

26 јули 2007

Во Авганистан има многумина странци - цивили: хуманитарци, помагачи во обновата на земјата, деловни луѓе, новинари. Сите се изложени на ризик по животот или да бидат киднапирани.

https://p.dw.com/p/BMMN
Демонстрации во Сеул за повлекување на јужнокорејските трупи од АвганистанФотографија: AP

Сојузната агенција за стопанисување во странство им го препорачува Авганистан на германските претприемачи како шанса за инвестирање и бизниси. Кога пред две години германското Сојузно министерство за стопанство организира прва посета за делегација на стопанственици, тогашниот авганистански министер за стопанство Амин Фарханг вети: “Ние како авганистанска влада ќе се обидеме да ги минимизираме ризиците и се надеваме дека германските претпријатија ќе ја максимираат својата дејност во Авганистан”.

Според проценките, во Авганистан има околу 300 германски деловни луѓе – ни оддалеку колку што ги има од други земји. Повеќемина од Германците работат во градежништвото, како и двајцата што беа киднапирани минатата недела на југот на земјата. Тие учествуваа во изградбата на една брана, други работат врз изградбата на аеродромот во Кабул или на автопатот од Херат, преку Кандахар, до Кабул. Можности нудат и рударството, трговијата, финансискииот сектор и комуникационата бранша.

Многу германски фирми учествуваат во државно потпомогнати програми за кооперација, кои не ветуваат само добивка, туку и развојно-политичка полза. Најголем дел од организациите и претпријатијата се ангажирани на северот на земјата и во Кабул. Ханс Херман Дубе, регионален директор на Друштвото за техничка соработка, и покрај сите опасности, во упориштето на Талибанците на југозападот без проблеми реализира проект за изградба на пат.

“Се’ може да функционира ако ги имаш луѓето на своја страна. Ништо не можеш да направиш против нивната волја. Мора долго да се разговара со нив. Секогаш радо велам – мора да испиете 50 шолји чај, пред да биде донесено некое решение. Потоа, на крајот доаѓа ракување, па прегрнување и тогаш можете да бидете сигурни дека никој нема ништо да ви направи”, вели Дубе.

Авганистан е едно од тежиштата на германската развојна политика. За периодот 2002 – 2008-ма Германија вети 80 милиони евра само за обновата. Околу 120 Германци работат за приватни и јавни хуманитарни организации. Обновата на заостанатиот југ е важна и затоа што така треба да биде спречено повторното јакнење на Талибанците.

ИСАФ и домашната армија треба да ги протераат милитантните исламисти и други бунтовници и да создадат безбедни зони. Без безбедност нема развој, без развој следува натамошна дестабилизиација. “Без тие безбедносни проблеми развојните напори би биле многу поуспешни. Се надевам дека секој го согледува тоа” – вели актуелниот авганистански министер за финансии Анвар ал Хак.

Опасност претставуваат и нарко-бароните, приватните милиции и криминалните банди. Една од нив годинава уби Германец, соработник на организацијата Помош за гладните во светот. Ник Ли, раководител на Агенцијата за обезбедување на хуманитарните организации укажува: “Хуманитарните организации работат многустрано и често пати имаат контакт со луѓе, до кои инаку никој нема пристап, што може да ги доведе хуманитарците и во опасност. Ако со тоа попречуваат илегални активности, може да дојде до конфликти со шверцерски банди или разбојници. Тоа може да биде и повеќепати веќе беше смртоносно".

Агенцијата за обезбедување секојдневно издава информации за безбедносната ситуација. Најголемиот дел од организациите што помагаат во обновата спроведуваат и строги безбедносни мерки. Останува да се сочека за да се види како последните грабнувања ќе се одразат врз интересите на германските претпријатија во Авганистан. И покрај тешката безбедносна ситуација, најголем број од развојните организации досега остана во земјата.

Сабина Матај