1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Страв од изолација на Израел

Рихард Фукс/ А.Трајковска 20 ноември 2014

Нападот врз синагога во Ерусалим наиде на силна осуда во Германија. Многумина меѓутоа предупредуваат од тоа, на насилството да се одговори со насилство. Некои стравуваат дека Израел би можел самиот да се изолира.

https://p.dw.com/p/1DqBg
Тивка молитва во синагогата во Источен Ерусалим во која во напад загинаа петмина луѓеФотографија: Reuters/R. Zvulun

Германските политичари како и претставници од цивилното општество силно го осудија нападот врз синагогата во Ерусалим. Досега терористичкиот чин од вторникот однесе пет жртви. Портпаролот на германската влада рече дека едно вакво дело на такво место за молитва е „натамошно ужасно преминување на границите“. Како Израелците, така и Палестинците би требало да реагираат смирувачки, за преку политика на „воздржаност“ да се деескалира конфликтот.

Исто така и претставници на евангелистичката и католичката црква изразија шокираност од нападот на двајца Палестинци во вторникот (18.11.2014) во Источен Ерусалим. „Нашето сочувство е кај жртвите“, изјави на пример бискупот Хајнрих Мусингхоф за католичката новинска агенција КНА. Тој за католичката бискупска конференција ги координира односите со еврејските заедници.

Филип Мисфелдер, надворешно-политички портпарол на пратеничката група на партиите на Унијата во Бундестагот во својата изјава истакна дека последната серија напади во Ерусалим ја смета за почеток на „нова фаза на ескалација во конфликтот“. Слични стравувања има и Керстин Милер, директорка на фондацијата Хајнрих Бел за Израел во Тел Авив. Во интервју за ДВ таа посочи на нов квалитет на заканата за Израел, бидејќи последните атентати биле извршени од Палестинци, кои поседувале сина карта во Источен Ерусалим и со тоа целосна слобода во движењето. „Сосема поинаку, отколку кај втората Интифада, сега се гледа дека целата израелска политика реагира целосно беспомошно“.

Портпаролот за надворешно-политички прашања од пратеничката група на Зелените во Бундестагот Омид Нурипур, во интервју за ДВ се изјасни дека се мали надежите дека би можело да се посредува со дипломатски иницијативи. „Ако се погледне колку радикалите на двете страни ги придвижуваат внатрешно-политичките потези, тогаш не сум сигурен, што може да се смени од надвор“. Ниту Хамас дава придонес повторно да се воспостави безбедноста на Израел, ниту помага тоа што израелската влада со големи чекори се оддалечува од решението со две држави, смета Нурипур.

НВО: Политиката на Израел повеќе не се разбира

Досегашната реакција на изралеската влада на Бенјамин Нетанјаху на атентаттите многумина претставници од германското цивилно општество ја сметаат за контрапродуктивна. Израелскиот премиер повика на „борба за Ерусалим“, и со еден чин на одмазада и заплашување и нареди израелската армија да уништува куќи на Палестинци кои живеат во Источен Ерусалим, кои биле вклучени во последните атентати. Изралескиот министер за стопанство преку армиското радио во игра стави голема воена акција во Источен Ерусалим за уништување на „терористичката инфраструктура“.

Omid Nouripour Bündnis 90 Die Grünen
Омид НурипурФотографија: 2013 Omid Nouripour MdB - Bündnis 90/Die Grünen

Вилтруд Реш-Мецлер, претседателка на католичкото мировно движење Pax Christi изјави во интервју за ДВ: „Тоа од населението во Германија повеќе не се разбира“. Колку и да било исправно, тоа што германската надворешна политика цврсто стои на страната на Израел, толку за погрешни таа ги смета двојните стандарди кои од страна на германската влада биле практикувани во односот со Изралеците и Палестинците. Така во последната војна во Газа требало да минат недели, додека германската влада го осудила влегувањето на Изралеците во Појасот Газа. Наспроти ова осудата на палестинските ракетни напади врз Израел следувала неодложно, смета претствничката на оваа НВО. Таа подвлекува дека почитувањето на човековите права треба да се бара од двете страни.

На потег да биде европска наместо германска дипломатија

Иницијативата од Шпанија од вторникот, со мнозинство во шпанскиот парламент, Палестина да се признае како држава ја поттикна внатрешно-политичката дебата во Германија. Додека претставниците на цивилното општество како Вилтруд Реш-Мецлер од Pax Christi ја охрабруваат германската влада да го стори истото како Шпанците, Швеѓаните и наскоро и Французите, други предупредуваат. Официјалниот став на германската влада по ова прашање е дека признавање на една држава на Палестинците од страна на Германија би следувало дури откако ќе биде најдено решение со Израел.

Политичарот од Зелените Омид Нурипур, иако е опозиционен политичар во овој случај е на линија на владата. Без вистински преговори, кои би ја зголемиле слободата на движење за Палестинците, и преку признавање не би можело да се постигне вистински мир. Тој се залага за европски одговор, наместо национални дипломатски поединечни потези. Затоа тој предупредува од тоа дека државите на ЕУ и натаму некоординирано да предничат со признавањето на држава на Палестинците: „Потребна ни е заедничка европска линија, за Израел да не биде изолиран“.