1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Страв на Хрватска од ЕУ

13 септември 2011

На референдум за влез на Хрватска во ЕУ, ако сега би се организирал, би излегле околу 70 проценти од граѓаните. Мнозинството од нив би биле за членство во ЕУ, но тоа и натаму предизвикува стравувања кај населението.

https://p.dw.com/p/12XPK
70 проценти од Хрватите би излегле на референдум за прием во ЕУ, а од нив 57 проценти би гласале заФотографија: dapd

За полноправното членство на Хрватска во ЕУ, ако се одлучува денеска, би гласале 57 проценти од анкетираните, 37 отсто би биле против, а неопределени се шест проценти, покажува големото теренско истражување, кое ширум Хрватска го спроведе агенцијата „Ипсос Пулс“ за потребите на делегацијата на ЕУ во оваа земја. Анкетирањето е спроведено на примерок од 1010 испитаници на возраст над 15 години, во домовите на испитаниците, траело 30-ина минути и покажало одредени стравови од влезот, како и слаба информираност на граѓаните за ЕУ.

Најголемите стравови на хрватските граѓани, врзани со влезот во ЕУ, се околу поскапиот живот, бидејќи 65 проценти од нив се убедени дека ќе се зголемат цените на производите, комуналните и другите услуги. Покрај тоа, половина од испитаниците верува дека приливот на увозните производи ќе го уништи хрватското производство. Од друга страна, како да се загубиле речиси широко распространетите стравови поради судбината на хрватските обичаи и одредени домашни производи, односно губењето на суверенитетот и националниот идентитет, бидејќи една четвртина од граѓаните смета дека со влезот во ЕУ се доведува во прашање нивниот опстанок. Дури 43 проценти од испитаниците веруваат дека членството во ЕУ ќе и‘ даде поголемо влијание на Хрватска во меѓународните политички и економски случувања.

Kroatien Land und Leute Ilica Hauptstraße in Zagreb
Хрватите се’ уште имаат стравови од приемот и се слабо информирани за ЕУФотографија: Ognjen Alujevic

Интересен е резултатот според кој 43 проценти од граѓаните не се согласуваат со тврдењето дека државата треба да ги затвори бродоградилиштата, што не би можеле да се одржат во пазарната конкуренција без постојана помош од државата. Шефот на делегацијата на ЕУ, Пол Вандорен, потсети дека Хрватска уште во 2006-та година презела обврска за укинување на државната помош во бродоградителството и истакна дека некои бродоградилишта не се водени на одржлив начин.

Се бараат повеќе информации

Генерално земено, поддршката на полноправното членство на Хрватска во ЕУ се стабилизираше во последниве две години, а резервираноста се бележи во „делот на младите луѓе, во делот на ние кои имаат тешкотии со наоѓањето работа, како и во одредени старосни групи и меѓу луѓето во одредени региони во Хрватска“, рече шефот на дипломатијата, Горан Јандроковиќ, коментирајќи ги истражувањата на делегацијата на ЕУ во Хрватска.

На поразителниот податок дека хрватските граѓани би добиле одвај преодна оценка за знаењето за ЕУ, министерот Јандроковиќ рече дека „нема ништо да се сокрива за членството во Унијата, бидејќи постои цврсто уверување дека тоа е од полза за Хрватска“. Јандроковиќ за идните седмици и месеци најави разни информативни и едукативни кампањи за да се зголеми поддршката за влез во ЕУ минимално на две третини од оние кои што ќе излезат на референдум. „Ние сакаме таа одлука да биде заснована не само на емоции, туку луѓето да ја донесат навистина квалификувано, врз основа на информации“, рече министерот.

Belgien EU Kroatien Außenminister Gordan Jandrokovic Beitrittsverhandlungen
Шефот на хрватската дипломатија, Горан Јандроковиќ ветува транспарентност во интегрирањето на Хрватска во УнијатаФотографија: dapd

Најмногу заговорници за членство има меѓу гласачите на ХДЗ, дури 69 проценти, но значителен број, околу 40-ина проценти, ги има и меѓу гласачите на ХСП, и покрај евроскептичната реторика на раководството на таа партија. „Факт е дека перцепцијата на Унијата во Хрватска се подобрува со завршувањето на преговорите“, нагласува професорот Дамир Грубиша од загребскиот факултет за политички науки. Во исто време тој укажува дека слабото познавање на ЕУ и нејзините институции зборува дека недоволно е направено за информирањето на граѓаните, пред се‘ за тоа што досега се преговараше. „Не гледам ниту една причина да не им се стави на увид на граѓаните она што ги чека, а што е содржано во бројни анекси и протоколи во поединечните поглавја. Тоа, меѓу другото, ќе го растера стравот меѓу постарите граѓани и само ќе ја зголеми нивната поддршка за членството“, уверен е Грубиша.

Позитивниот тренд во перцепцијата на ЕУ, очекувањата и подобрувањето на владеењето на правото, заштитата на околината и образованието, како и фактот дека за влезот на Хрватска во ЕУ не постојат длабоки општествени поделби, според мислењето на делегацијата на ЕУ во Хрватска, официјален Загреб и аналитичарите, сето тоа е гаранција за позитивен исход на референдумот. А, амбасадорот Вандорен порача дека „Хрватите, кога е во прашање ратификацијата на пристапниот договор во 27-те европски парламенти, не мора да се плашат од замор од проширување кај земјите членки на ЕУ“.

Автор: Гордана Симоновиќ/ Александар Методијев

Редактор: Александра Трајковска