Стоп за дискриминацијата во БиХ
23 декември 2009Според актуелниот Устав на БиХ припадниците на малцинските народи се заведени во категоријата „останати“ и не можат да бидат кандидирани за членови на Претседателството на БиХ и за делегати во Домот на народите на босанскиот парламент. Апликацијата во Европскиот суд ја поднесоа претставниците на еврејската и ромската заедница во земјата, Јакоб Финци и Дерво Сејдиќ. Финци верува дека по одлуката на Судот се стекнати сите услови за промена на Уставот и на Изборниот закон во земјата.
„Кога во 2005 година БиХ го ратификуваше Протоколот 12 од Европската конвенција за човекови права, ми стана јасно дека се создадени сите услови за покренување постапка за промена на нашиот Изборен закон и Уставот“, вели Финци.
Тој додава дека тие промени би требало да им овозможат и на оние граѓани на БиХ кои не се декларираат како припадници на конститутивните народи да се „обидат да се натпреваруваат за место во Претседателството и во Домот на народите“.
Одлуката на судот мора да се почитува
Професорот Чазим Садиковиќ вели дека одлуката на Европскиот суд е обврзувачка за институциите во земјата.
„Еден примерок од одлуката треба да биде испратен до Советот на министри кој е задолжен за нејзино спроведување“, вели тој.
Според Садиковиќ, одлуката ќе има големо значење затоа што „ќе подразбира прва промена на Уставот на БиХ на база на негово ускладување со Европската конвенција за човекови права.
Експертот за уставно право, Касим Трнка вели дека таквиот процес е неминовен, но бавен.
„Тоа одамна го констатираше и Венецијанската комисија, така да може со сигурност да се претпостави дека Судот ќе и наложи на БиХ да ги отстрани причините за дискриминација и земјата е должна тоа да го стори“, вели Трнка.
За време на т.н. „бутмирски процес“ на кој домашните политичари и странските олеснувачи разговараа за иднината на земјата, босанските политичари покажаа подготвеност да го ускладат Уставот со Европската конвенција за човекови права. Оттука Јакоб Финци верува дека и припадниците на националните малцинства наскоро ќе бидат во позиција да бидат бирани на највисоките државни функции.
Автор: Самир Хусеиновиќ/Борис Георгиевски
Редактор: Жана Ацеска