Ставридис ги пофали храбрите македонски војници во Авганистан
13 март 2012Патот кон НАТО е значаен за Република Македонија, за стабилноста на земјата и на регионот, а успехот во евроатлантските интеграции на земјите од регионот е успех и за Алијансата, е заклучокот од денешната средба на министерот за одбрана Фатмир Бесими и на министерот за надворешни работи Никола Попоски со aдмирал Џејмс Ставридис, командант на Сојузничката команда на НАТО за операции, кој се наоѓа во дводневна официјална пoсета на Република Македонија.
Реформи во одбраната и регионална соработка
Попоски истакнал дека членството на Македонија во НАТО и натаму е еден од највисоките надворешно-политички приоритети на земјата, како и дека македонската мисија во Авганистан ќе остане додека е потребно.
Реформите во одбраната и новата формациска структура на АРМ, исполнување на партнерските цели заеднички поставени со земјите - членки на НАТО на среднорочен и долгорочен план, како и предвидениот буџет за развој на одбраната, вклучувајќи ја модернизацијата на АРМ, беа темите во фокусот на разговорите на министерот Бесими и адмиралот Ставридис. На средбата, покрај прашањата за реформите во одбраната на патот кон членството во НАТО и регионалната соработка, за што е добиена поддршка, е дискутирано и за учеството на Македонија во меѓународните мировни мисии предводени од Алијансата, согласно принципот „заедно во, заедно надвор“.
„Се‘ додека НАТО е присутен во меѓународните мисии, Република Македонија останува како кредибилен партнер на Алијансата“, изјави министерот Бесими по средбата со адмиралот Ставридис.
Заедничко работење го јакне стратешкото партнерство
Ставридис потенцира дека кога се работи заедно, се зајакнува стратешкото партнерство и затоа смета дека треба да продолжи заедничко работење во соочување со предизвиците кои ги носи 21 век.
„Имавме можност да разговараме за многу прашања, меѓу кои и продолжување на градењето на стратешкото партнерство. Сакам да ве пофалам за вашиот успех и напредок во земјата на патот кон членството во НАТО“, рече Ставридис, заблагодарувајќи му се на министерот Бесими, но на храбрите војници од АРМ во мировната мисија во Авганистан.
Здружена команда за операции е одговорна за НАТО-предводените операции, а нејзината мисија е да подготвува, да планира и да извршува операции со цел да се достигнат политичките цели на Алијансата. Воедно таа е стратешка команда која под себе има потчинети оперативни команди.
Автор: ЖА/БГ/миа
Редактор: Борис Георгиевски