1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ССМ – Влада: дијалог за работничките права

Милчо Јованоски 30 април 2012

Со над 100.000 членови Сојузот на синдикатите е најрепрезентативен синдикат во Македонија. Низ транзицијата и кризите често е пред дилемата – дали е вистински борец за работничките права или приврзок на власта?!

https://p.dw.com/p/14mtj
Фотографија: DW

Синдикатот е пред сериозни предизвици во делот на глобализацијата на капиталот и решавањето  на автентичните интереси спроти економската криза и рецесијата која е светски проблем, вели претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија Живко Митревски. ССМ во фаза на подготовки го има колективниот договор за приватниот сектор, а со работните групи се веќе завршени разговорите околу колективниот договор во јавниот сектор. „Добра страна е што во рамките на колективниот договор за јавен сектор сепак најдовме решение за голем дел спорни прашања. Иако, кризата притиска од сите страни ќе ги решиме дилемите, а тоа се надевам дека ќе се случи и по разговорите со работодавачите. “

Минимална плата – историски чин за синдикатот

Gebäude des mazedonischen Gewerkschaftsbundes
Фотографија: Petr Stojanovski

 Неодамнешниот договор за минимална плата и владата и синдикатот го сметаат за историски. Во практика законот се изигрува на низа начини и за голем број работници е само сон. Но,првичните анализи на синдикатот и Министерството за труд и социјала, според Митревски се охрабрувачки: „ Законот за минимална плата се применува во над 90 проценти во Република Македонија. И таму кадешто постоеше скептицизам во индустријата за текстил и кожа дека исплатата на минималецот во првата година нема да се случи, ја реализиравме. Анализите покажуваат дека уште во стартот немаше плата под осум илјади денари.“

Се крчка нов Закон за администрација

Донесувањето на законите за државни и јавни службеници од опозицијата во парламентот беше оценет како дисциплинирање на администрацијата и кратење на правото на штрајк.   Уставниот суд пресече дека вработените во здравството и културата и јавните комунални претпријатија не се јавни службеници.

„ Не е точно дека се ограничуваат правата на синдикално организирање . Напротив и Уставот и законот за работни односи во никој случај не го оспоруваа тоа право.  И заради одредени сомнежи во овие дејности беше прифатена зајакната позиција на синдикалецот и  учество во преговорите за систематизациите“. Лидерот на синдикалците Митрески објаснува дека на повидок е нов Закон за администрација, а се пофали дека ССМ е еден од ретките синдикати кој и во услови на криза не дозволи масовни отпуштања во Македонија. Тој ги демантира гласините дека се првирзок на власта: „Ние во актуелната власт и сите други власти бараме социјален партнер кој ќе ги почитува интересите на синдикатот. Таа лепенка која ни се додава е од злонамерници кои не можат да се соочат   со успесите кои ги постигна ССМ.“ За првпат по две децении ССМ обезбедил спроведување на европските директиви за информирање и консултирање , растификувани се пет нови конвенции од  Меѓународната организација на трудот, а од владата побарале активни политики за намалување на невработените посочувајќи ги европските фондови. За оваа намена државата повлекла грант од осум милиони евра. Но не тече мед и млеко. За ова се свесни и во ССМ.  Проблемите со загубарите се’ уште висат. За нив по членството во јавниот сектор, предизвик се вработените во приватните фирми. Токму таму најмногу и најчесто се кршат работничките права. Претседателот на ССМ Митрески очекува во догледно време сите синдикати во Македонија да станат едно, мислејќи и на независните, зашто целта им била една.

Mazedonien Gewerkschaften Proteste
Фотографија: Petr Stojanovski

ССМ во акција за Закон против мобингот

Меѓународниот ден на трудот неколку години наназад ССМ го одбележува работно. Со промоција на конкретни кампањи. Годинава тоа е кампањата против мобингот и донесување на Закон за заштита на човековото достоинство: „Ќе елимнираме една сериозна општествена појава која е дури и на ниво од општествено зло. Според направените анкети – дури 40 проценти од испитаниците се мобирани на одреден начин “ , заклучува Митрески.