1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Српско-хрватска пролет

22 јули 2010

Добрите односи меѓу Белград и Загреб се патоказ за регионот, се констатира во напис на весникот „НЦЦ“. Весникот „ФАЦ“, пак, под лупа ги зема Бугарија и Романија за кои пишува: корумпирани како и досега!

https://p.dw.com/p/OQoU

Посетата на хрватскиот претседател Иво Јосиповиќ на Белград е чекор кон приближувањето меѓу двете земји се вели во написот насловен „Српско-хрватска пролет“ во весникот „Ноје цирихер цајтунг“. Во текстот натаму се анализираат нерешените проблеми и се регистрира постигнатиот напредок.

„Секако дека има отворени прашања меѓу двата соседа. Тужбите за геноцид пред Меѓународниот кривичен суд во Ден Хаг се’ уште не се решени. Загреб во 1999 година поднесе тужба против Белград. На почетокот на годината, дојде против тужбата на Србија како средство за притисок за да се постигне спогодба надвор од судот. Во меѓувреме, повлекувањето на тужбите станува веројатно. Претседателите беа согласни дека нерешените проблеми би можеле да бидат надминати и без судот во Ден Хаг, како на пример судбината на исчезнатите Хрвати или враќањето на хрватските Срби,“ пишува „НЦЦ“ и го анализира позитивниот развој:

„Економскиот пробив во меѓусебните односи продолжува. Има големи инвестиции на споредбено силната хрватска индустрија со прехранбени производи во Србија. Од друга страна, српските туристи летово се упатија кон бреговите на Далмација“.

Уште повпечатлива е соработката во областа на судството и полицијата, на кои им се припишува пионерска работа во соседската политика“, пишува „НЦЦ“ и дополнува дека со претседателот Јосиповиќ во Србија допатува и министерот за внатрешни работи Томислав Карамарко, кој со неговиот српски колега Ивица Дачиќ има намера да формира заеднички центар за борба против криминалот. Планирани се и систем за податоци, мешани истражни групи, соработка која уште сега протекува ефикасно, пишува весникот и заклучува:

„Српско-хрватските односи се патоказ за регионот. Такви беа отсекогаш, во добри и во лоши времиња. За Босна и нејзината фрагилна државност, почитувањето меѓу Белград и Загреб околу нејзиниот територијален интегритет, ако не е доволен, е во секој случај неопходен за егзистенцијата на државата.“

Корупмирани како и порано

„Бугарија и Романија успеаја да ги минат трите години по нивниот пристап во Унијата, во кои ЕУ би имала правни механизми да ги исклучи од соработката во сферата на внатрешна политика и правосудство. Рокот за тоа истече на крајот на минатата година, без двете земји сериозно да им се приближат на стандардите вообичаени за остатокот од континентот. Комисијата на Европската унија, година за година, грижливо ги документираше сите грешки, но објави дека нема намера да воведе натамошни санкции. Сето ова не е помал скандал од неодговорниот однос на државите на ЕУ кон Пактот за стабилизација на еврото, но се чини дека за разлика од кризата со валутата, нема да има последици. Во однос на Бугарија и Романија Европската унија е толку трпелива, како да станува збор за аграрна реформа некаде во Африка, а не за тоа дека граѓаните на останатите 25 земји членки на Унијата мора да го споделуваат својот правосуден систем со две земји, за кои може да се докаже дека се корумпирани и неефикасни држави,“ се вели во коментарот во весникот „Франкфуртер алгемајне цајтунг“.

Автор: Ноје цирхер цајтунг/ Франкфуртер алгемајне цајтунг

Превод: Александра Трајковска

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска