Српска назадна партија
22 јули 2016
Пораката ја упатува владејачката партија во Србија, за оние кои сѐ уште не знаат тоа е Српската напредна партија- СНС. Тие се идејни творци и реализатори на изложбата на медиумски текстови под наслов „Нецензурирани лаги“.
Рецептот е едноставен. Ќе ги собереш сите таблоидни фекалии кои било кој, било кога, ги објавил за Вучиќ. Тоа е основната материја за обликување изложба. Таа материја смрди до небо. Но потребна е и како зачин.
И потоа ќе ги собереш сите сериозни анализи за ароганцијата на власта, за авторитарниот и конфликтен карактер на лидерот, за конвертитската природа на неговата политика, неговото европејство за надворешна употреба и анахроната самоволност за домашна примена. Вредно ги собираш сите медиумски производи кои го фокусираат ветувањето на премиерот дека ќе ги искорени корупцијата и непотизмот, доведувајќи го потоа во врска со стандардното партиско вработување- најдеструктивниот облик на ортачко-другарски систем, во кој близината до казанот ја одредува племенско-партиската припадност, а не стручноста.
Ќе ги собереш текстовите на сите оние кои се осмелиле да се запрашаат чија беше парамилицијата која со фантомки во Савамала уриваше и апсеше. Зошто белградскиот градоначалник на премиерот купува станови по Бугарија. Зошто неговиот омилен министер има проблеми да покаже како дошол до докторската титула. Зошто во Радио-Телевизија Војводина, СНС гледа партиски плен. Зошто е Пинк неофицијално гласило на премиерската маленкост. Зошто државно буџетираниот РТС и Политика со нејасна сопственичка структура се држат на стенд-бај.
Значи, „вучичевците“ го собрале булеварското ѓубре, но и серија сериозни критики кон Вучиќ и неговиот систем на владеење, ги ставиле во ист кош и добро промешале. Сериозна и непријатна работа е тоа- премачкување на честити и стручни анализи со булеварски фекалии. На крајот, целата кошница засмрдува. Сето тоа ќе го наречеш „Нецензурирани лаги“.
Изложбата ќе му ја понудиш на граѓанството со порака- еве, смрди, но ние немаме чувствителен нос. Бидејќи сме Европејци и демократи па медиумските продукти само ги ставаме на столбот на срамот, а не ги апсиме како, не дај боже, Ердоган. Нема во Србија во последно време ни убиства на новинари како во братска Русија! Па што сакате?
СНС спинува и спинува, претворајќи ја лагата во вистина, вистината во лага. Србија станува земја во која е доследно спроведена паролата на еден германски филозоф- сѐ е лажно, сѐ е дозволено.
Добро, не баш сѐ. Доколку ја следите професионално и критички власта на Вучиќ тогаш вашите производи ќе ги изложат на престижно место- како лага. Но, историското движење не е вечно потчинето на волјата на една партија и на нејзините пропагандно- параноидни концепти. Ќе дојде време кога, ослободен од подметнатиот таблоиден намаз, секој експонат на оваа изложба ќе биде во рангот на витешка медалја.
На човек да му дојде да го парафриза Велја Илиќ: Аман назадњаци, не лажете толку, подлажувајте!