Средбата во Женева осудена на неуспех?
6 декември 2010Претставниците на Иран и на меѓународната заедница денеска повторно ќе седнат на преговарачка маса, по пауза од 14 месеци, на разговори за нуклеарната програма на Техеран.
На дводневната средба ќе учествуваат иранскиот преговарач Саид Џалали и ополномоштеникот на ЕУ за надворешна политика, Кетрин Ештон, која во Женева ги застапува петте вето-сили од Советот за безбедност на ОН и Германија.
Аналитичарите не предвидуваат успех на преговорите.
Иран во неделата соопшти дека успеал да произведе концентрат на ураниум, кој служи како основа за прозводство на збогатен ураниум.
„Ураниумот потекнува од еден рудник на југот на земјата и ќе биде испратен на дополнителна обработка во централата во Исхафан. На овој начин ние стануваме независни од другите држави“, изјави првиот човек на иранската нуклеарна програма Али Акбар Салехи.
Сомнежите во вистинските намери на Иран продолжуваат
Соопштението на Техеран предизвика загриженост во Вашингтон и во Европа во пресрет на денешниот состанок во Женева.
„Ова повторно го поставува прашањето за вистинските намери на Техеран и предизвикува загриженост“, изјави портпарол на Белата Куќа.
Иран тврди дека има право да збогатува ураниум за мирнодопски цели и дека ќе продолжи да го прави тоа без оглед на последиците.
„Ние само го користиме нашето право согласно Договорот за неширење на нуклеарното оружје. Ништо помалку и ништо повеќе“, изјави претседателот Махмуд Ахмадинеџад.
Последните разговори одржани во октомври 2009 година
Најновата рунда преговори ќе се одвива и во сенка на минатонеделното убиство на еден од водечките ирански нуклеарни научници во Техеран и обидите за саботажа на нуклеарната програма. За убиството, Иран ги обвини службите на САД, Израел и Велика Британија.
Последната рунда преговори во Женева, одржани во октомври 2009 година, завршија со умерен оптимизам по првата директна средба на американски и ирански претставници по повеќе од 30 години. Но, договорот Иран да го збогатува својот ураниум надвор од земјата, набрзо се покажа неприменлив.
Автор: БГ/СН/афп/дв
Редактор: Симе Недевски