Средба на Трамп и Ким во Шведска?
16 март 2018Од пред една недела светот знае дека американскиот претседател Доналд Трамп може да си замисли средба со Ким Јонг Ун, кого зајадливо го нарекуваше „малиот ракетџија“. Сега патувањето на севернокорејскиот министер за надворешни работи во Шведска ги потхранува шпекулациите за местото на одржување на оваа прва средба воопшто меѓу актуелен американски претседател и севернокорејски властодржец.
Повеќе:
-Доналд Трамп го условува Ким Јонг Ун
-Доналд Трамп и Ким Јонг Ун подготвени за средба
-Трамп не трпи веќе противречење во Белата куќа
Министерот Ри Јонг Хо синоќа пристигна во дводневна посета на скандинавската земја, јави шведскиот весник „Дагенс Нихетер“. Притоа во план е негова средба со ресорната колешка од Шведска Маргот Валстром. Нејзниот портпарол изјави дека една од темите на средбата ќе биде и безбедносната состојба на Корејскиот полуостров.
Шведска веќе се понуди за посредник
Државните медиуми во Северна Кореја известуваат дека посетата на шефот на дипломатијата на Стокхолм е во полза на билатералните односи и на други теми од заеднички интерес.
Во кризата околу спорната атомска програма на Северна Кореја, Шведска веќе се понуди како посредник. Земјата од 1971 година има амбасада во Пјонгјанг и таму на лице место ги претставува и интересите на САД.
Социјалдемократскиот премиер на Шведска, Штедан Лофвен вчера истакна дека неговата земјата е подготвена да ги овозможи разговорите меѓу САД и Северна Кореја. Тие меѓутоа, рече тој, мора најнапред да бидат одобрени од главните актери во кризата, Северна Кореја, Јужна Кореја, САД и Јапонија.